Истражување на Светскиот економски форум (СЕФ)
Жените во светот нема да се изедначат со можностите на мажите уште 135, 136 години, бидејќи пандемијата предизвикана од ковид-19 фундаментално влијаеше на родовата еднаквост, работните места и образованието враќајќи го напредокот во однос на еднаквоста меѓу мажите и жените години, но и децении наназад. Ова меѓу другото се наведува во годинашниот извештај на Светскиот економски форум (СЕФ), кој ги цитираше податоците на Меѓународната организација на трудот, во кои се посочува дека кризата додаде децении на траекторијата на затворање на родовиот јаз. Студијата посочува дека пандемијата на коронавирусот диспропорционално влијаела на жените повеќе отколку на мажите на пазарот на трудот.
– Пандемијата фундаментално влијаеше на родовата еднаквост и на работното место и дома, враќајќи го напредокот со години назад – вели директорката на СЕФ, Садија Захиди.
Во исто време анализата посочува и дека застојот на ова поле се случува бидејќи жените се почесто вработени во секторите погодени од мерките за заштита од коронавирусот, како карантините и другите мерки за затворање, а дополнително ги притискаат грижи поврзани со семејниот живот и домашните обврски. Други студии на оваа тема покажуваат дека жените, исто така, се вработуваат со побавно темпо од мажите додека се создаваат работни места низ светот за време на пандемијата.
Кога станува збор за застапеноста на жените во законодавните тела низ светот, во извештајот на СЕФ се посочува дека тие се застапени единствено со само 22,6 отсто во пратеничките места низ државите што јасно покажува колкав е родовиот јаз во земјите глобално. Во однос на образованието и здравството, истражувањето на (СЕФ) оценува дека и на тоа поле слабо одат напредоците, иако за овие сегменти од општествениот живот организацијата бележи напредок во однос на минатите години. Од друга страна, пак, интересно е што извештајот во исто време детектира и напредок во повеќе категории кога станува збор за еднаквоста на жените со мажите и тој варира од земја до земја и регион до регион.
Инаку, општо земено, скандинавските земји повторно доминираат во однос на правата на жените. Највисока еднаквост во светот меѓу мажите и жените има во Исланд, 12-та година по ред, па следуваат Финска и Норвешка. Нов Зеланд е на четвртото место на листата, пред Шведска.