Движењата за независност се во подем, но немаат единство
Автор: Џонатан Паркер, докторанд на универзитетот во Сасекс
Блумберг
За три европски држави, пандемијата на коронавирусот ги забрза веќе постоечките територијални спорови и ги поттикна регионалните националистички движења. Велика Британија, Шпанија и Белгија различно одговорија на ковид-19. Сепак, движењата за независност се во подем во сите три држави.
Во шпанскиот регион Каталонија, кој сè уште живее во сенка на кризата за независност од 2017 година, од јануари се актуелни барањата за предвремени избори. Пред пандемијата, левичарската националистичка партија Републиканска левица на Каталонија (ЕРК) водеше дијалог со социјалистички предводената влада на шпанскиот премиер Педро Санчез. Но ова создаде поделби меѓу ЕРК и нејзиниот коалициски партнер во каталонската влада, односно тврдокорниот сојуз Заедно за Каталонија.
Заедно за Каталонија и каталонскиот лидер Квим Тора одлучија да се конфронтираат со Санчез и побараа построги рестриктивни мерки за движење и сметаа дека независна Каталонија би имала посилен одговор на здравствената криза. Ставот на ЕРК беше посмирен и ги поддржа барањата на Санчез за продолжување на вонредната состојба. Но ковид-19 ја наруши стратегијата на ЕРК. Партијата ја загуби преговарачката моќ во шпанскиот парламент откако Санчез најде нови сојузници.
Со закажаните избори наесен, национализмот е во полн ек. Партијата Заедно за Каталонија се растури по недоразбирањето меѓу двата главни елементи Либерално националистичката каталонска демократска партија (Пдекат) и поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон. Тој го обедини остатокот од сојузот во нова партија наречена Здружени. Здружените ќе одат на изборите како најкатегорично сепаратистичка националистичка партија, а ќе се тркаат со ЕРК, Пдекат, крајната левица и новата коалиција на умерените националисти. Националистите веројатно ќе го задржат нивното мнозинство во каталонскиот парламент, но нивното единство, кое никогаш не беше стабилно, сега веќе не постои.
Во Белгија, пандемијата ги радикализираше територијалните конфликти. Техничката влада предводена од Софи Вилмес беше изгласана во март и доби овластувања да се справува со кризата. Но носењето на политичките одлуки е отежнато поради поделбите меѓу десничарски и сепаратистички настроената Фландрија и левичарската Валонија која не сака поголема децентрализација. Ваквата поделба доведе до несогласувања во секоја фаза од рестриктивните мерки. Една таква кавга изби поради воведувањето на велосипедски патеки во Брисел. Уште позначајно е што фламанските националисти не сакаат финансиски да го поддржат закрепнувањето на помалку просперитетната Валонија.
Дури пред пандемијата, ултрадесничарската сепаратистичка партија Фламански интерес водеше во анкетите во Фландрија. Новата фламанска алијанса, која е нејзин националистички ривал, го чувствува подгревањето на страстите. Тврдејќи дека поделеноста во надлежностите меѓу разни нивоа на државната администрација го отежнува одговорот на пандемијата, таа даде предлози Белгија да се трансформира во конфедерација. Иако овие планови нема да вродат со плод во блиска иднина, ваквите контроверзии и големите разлики меѓу левицата и десницата го отежнуваат формирањето на трајна федерална влада.
Што се однесува до Велика Британија, пандемијата беше приказна на постепено разидување на централната влада во Лондон со властите во Шкотска, Велс и во Северна Ирска. Наредната година со сигурност ќе биде една од позначајните во поновата историја на Шкотска затоа што ќе се одржат избори во чија предизборна кампања ќе се најде и прашањето за независност. За да обезбедат референдум за отцепување, на Шкотската национална партија, која се залага за независност, и на шкотските Зелени им е потребна сеопфатна изборна победа. Тие сметаат дека британскиот премиер Борис Џонсон треба да се откаже од своите противења за референдумот во пресрет на убедлив демократски мандат.
Ковид-19 ја зајакна моќта на партијата СНП, предводена од Никола Старџен, првата министерка на Шкотска. Контролата на речиси сите политички средства кои се користеа во борбата против вирусот ѝ дадоа шанса на Старџен практично да покаже како една независна Шкотска може многу подобро да се покаже. Сега се игнорираат некои недостатоци во владата на СНП која е на чело на државата веќе 13 години. Поддршката за партијата во анкетите се искачи над 50 отсто, како и онаа на граѓаните за независност на Шкотска. Меѓу движењето за независност и Борис Џонсон претстои отворен конфликт.
Пандемијата ги интензивира дебатите за уставната иднина за неколку европски региони. Многумина поддржувачи за независност се охрабрија од кризата која ги истакнува недостатоците на централните влади, но и моќта на регионите. Но сепаратистите не се обединети во однос на тоа како да дејствуваат. Во Каталонија, а сè почесто и во Шкотска, токму разединетоста е пречка за остварување на силно посакуваната цел за независност.
Превод: Билјана Здравковска