Според наодите на американскиот институт „Аклед“, животот во пандемија во светот придонесе да има промена во типичното однесување на планетата. Имено, американската организација заклучила дека бројот на конфликтите на планетата се намалил, но истовремено се зголемила бунтовноста на населението, што продуцирало зголемен број демонстрации во државите
Извештај на американскиот институт „Аклед“
Светот изминатата година се соочил со поинтензивни и каскадни глобални предизвици, каде што на глобално ниво, иако се намалило политичкото насилство, сепак се зголемила бунтовноста на населението. Вирусот усмрти речиси два милиони луѓе, а на светско ниво во исто време тој придонесе да се затвори дома речиси половина од светската популација. Ова меѓу другото се вели во извештајот насловен „Поглед на изминатата година“, кој е подготвен од американскиот институт за политичко истражување „Аклед“, а кој се прави еднаш годишно и дава широк опсег на глобалните трендови и потенцијалните сценарија што најверојатно ќе го обликуваат амбиентот за национална глобална безбедност. Имено, како што пишува американската студија, регионот на Африка изминатата година бил централно подрачје, каде што биле забележани најмногу конфликти и политички репресии, меѓу кои се и оние во Сирија и во Јемен. Во тој дел од светот, според „Аклед“, биле зголемени и паравоените структури (милиции) во повеќе земји, а исто така таму биле забележани и најмногу цивилни жртви.
– Конфликтите продолжија да беснеат. Земјите што регистрираа најголем број настани со политичко насилство во текот на 2020 година се претежно оние што доживуваат конвенционални судири, како Сирија, Јемен, Украина и Авганистан. Сите овие земји, со исклучок на Украина, дополнително регистрираа најголем број жртви во 2020 година, истакнувајќи ја континуираната голема смртност на овие тековни судири – наведува студијата на „Аклед“.
Според документот, многу од овие земји исто така доживеаја најголем пад на демократските вредности. Тие, според истражувањето, поради тоа продолжуваат да се остануваат на врвот на листата на држави во кои постојано ѕвечка оружјето среде пандемијата.
Во исто време, миграцијата и климатските промени исто така се во фокусот на американскиот извештај, во кој беа забележани тешки адаптации што треба да ги направат земјите, како што се градење складови за дождовница и зајакнување на крајбрежните ѕидови. Студијата исто така предвидува дека климатските промени дополнително би ја поттикнале глобалната миграција, која веќе се зголемува. Интересно е што експертите, пак, тврдат дека технолошките иновации и соработката меѓу Кина и Западот се клучот за приспособување кон климатските промени, демографските поместувања и другите предизвици во наредните години. Американските експерти тврдат дека алгоритмите, социјалните медиуми и вештачката интелигенција, но и непроверените информации, во иднина ќе ја направат јавноста поранлива на дезинформациите и овој проблем допрва ќе биде сериозен.
Во извештајот на американскиот институт исто така се забележува дека без разлика на ограничувањата што ги наметна пандемијата, демонстрациите низ светот изминатата година се зголемиле.
– По првичниот пад на почетокот на здравствената криза, целокупната демонстративна активност е зголемена за 7 отсто во 2020 година во споредба со 2019 година во сите земји опфатени во извештајот. Приближно 93 отсто од сите демонстрации беа мирни, додека 7 отсто беа исполнети со некаква форма на интервенција на безбедносните служби – оценува анализата.
Според документот, за време на пандемијата на глобално ниво е забележан пад од 38 отсто на бројот на жртви пријавени за време на демонстрациите, особено на Блискиот Исток. Интересно е што во 2020 година во Америка биле регистрирани најголем број демонстрации на глобално ниво, речиси идентично колку сите демонстрации во остатокот на светот.