Палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал-Малки, го обвини Израел за „геноцид врз палестинските семејства“. Тој ја повика меѓународната заедница да го заштити палестинскиот народ сѐ додека не им биде загарантирана слободата.
На вонредниот состанок на Генералното собрание на Обединетите нации за конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, Ал-Малки рече дека секоја земја во светот има одговорност да обезбеди мир, правда и слобода.
Тој апелира до Генералното собрание на ООН да се осигури дека Израел е одговорен за убиството на, како што рече, невини Палестинци и да не му биде обезбедено оружје, пренесува АП.
Ал-Малки оцени дека присуството на повеќе од десет министри, речиси сите од арапските и исламските земји, испраќа јасна порака да се запре насилството.
– Како може окупаторската моќ да има право да се брани кога целиот народ под окупација е лишен од истите тие права? – праша тој одговарајќи на тврдењата на Израел дека реагира во самоодбрана.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги повика Израел и палестинскиот Хамас да престанат со огнот веднаш апелирајќи до израелската армија да покаже максимална воздржаност и до Хамас да престане со неселективните ракети.