Палестина се откажа од правото да го преземе ротирачкото претседателство со Арапската лига во знак на протест против неодамна потпишаните договори за нормализирање на односите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин со Израел, пренесува „Франс24“.
– Државата Палестина одбива да ја забележи во својата историја поврзаноста на нејзиното претседателство со регресијата во вредностите и принципите што беше очигледна на последниот состанок на советот на министри за надворешни работи – се наведува во соопштението.
Оваа одлука е донесена по ставот на поддршка што го зазеде Секретаријатот на Арапската лига кон ОАЕ и Бахреин, кои ги нормализираа своите односи со Израел притоа прекршувајќи ја Арапската мировна иницијатива. Одредени влијателни арапски држави одбија да го осудат прекршувањето на Иницијативата, изјави палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал Малики, на прес-конференција во Рамалах.
Ал Малики, сепак, истакна дека Палестина нема да се повлече од Арапската лига.
Палестинците претседаваа со последната седница на советот на почетокот на овој месец и требаше да останат во улогата до март. Нивната делегација поднесе предлог-резолуција на состанокот на советот, на кој се собрани министрите за надворешни работи на 22-члениот блок, за осуда на договорот за нормализација.
На 9 септември, панарапското тело не издаде резолуција со која го осудува потегот на Абу Даби и Манама за нормализирање на нивните односи со Израел.
Состанокот во Каиро се случи пред друг ваков договор кој Бахреин го објави со еврејската држава. И двата договора беа потпишани во Вашингтон на 15 септември. Договорите во Заливот се во спротивност со долгогодишната политика на Арапската лига за израелско-палестинскиот конфликт и беа осудени од Палестинците како предавство.
Во 2002 година, блокот усвои мировен план предложен од Саудиска Арабија, кој беше обновен неодамна во 2017 година. Тој понуди нормализација само за возврат за целосно повлекување на Израел од териториите што ги окупираше во Шестдневната војна во 1967 година, палестинска држава со источен Ерусалим како главен град и праведно решение за палестинските бегалци.
Арапскиот план го тргна настрана американската администрација, која по неколку одложувања го објави контроверзниот мировен план во јануари, кој предвидува анексија на делови од окупираниот Западен брег од страна на Израел.
Владата на ОАЕ ја поздрави клаузулата од договорот со посредство на САД со која израелскиата анексија се става во мирување, но Израел посочи дека секое одложување ќе трае кратко и дека неговите планови за анексија остануваат на маса.