Повеќето израелски партии изјавија дека одбиваат да се обединат или спојат со алијансата Сино-бели (Кахол Лаван), со која претседава алтернативниот премиер и министер за одбрана, Бени Ганц, објавија локалните медиуми.
– Подготвен сум да жртвувам многу за Биби да си оди. Ако се ослободиме од егото, ќе се ослободиме од Биби. Не можеме да дозволиме Нетанјаху да нè разбие на мали партии – рече Ганц на прес-конференцијата користејќи го прекарот на Бенјамин Нетанјаху.
Сепак, неговите повици не наидоа на одѕив бидејќи другите партии го гледаат Ганц како човек што ја распарчи својата партија со влегувањето во коалиција со Нетанјаху минатата година.
Неколку неодамнешни истражувања покажаа дека Ганц сега може да се надева на 4-5 места во Кнесетот; тој влезе во распуштениот Кнесет со 33 места. Некои набљудувачи изјавија дека Ганц е во опасност да падне под прагот од 3,25 отсто за влез во Кнесетот.
Според „Тајмс оф Израел“, лидерот на Јеш Атид, Јаир Лапид, изјавил: „Ние ќе вложиме максимални напори да формираме сојузи што ќе доведат до разумна, либерална влада, која ќе ја промени земјата“.
Но, извори во партијата изјавија за весникот дека Ганц не ги почитувал обврските и ветувањата што ги дал кога ѝ се приклучил на владата со Нетанјаху.
– Па, како може Лапид да го врати назад и да му верува сега – велат оттаму.
Од своја страна, шефот на Јизраел беитеину, Авигдор Либерман, му се обрати на Ганц.
– Имавте можност да се ослободите од Нетанјаху, но избравте да станете резервен премиер. Она што можете да го направите во корист на државата е да не излезете на следните избори – рече Либермен.
Тој го обвини Ганц за расипување на политичкиот систем во Израел; затоа тој треба да ја плати цената и да го напушти политичкиот живот.
Израел треба да ги одржи своите четврти избори во последните две години бидејќи неговата коалициска влада се распадна минатиот месец откога не можеше да се договори за буџетот.