Агенти патувале од Кина на трошок на швајцарските даночни обврзници за да интервјуираат лица подложни на депортација
Авторки: Хелен Дејвидсон, Ема Греам-Харисон
Гардијан
Целосниот текст на тајниот договор помеѓу Швајцарија и Кина, со кој им се овозможува на кинеските безбедносни припадници да имаат пристап до државата на трошок на швајцарските даночни обврзници, за првпат беше обелоденет во јавноста во период кога владата настојува да го обнови. Петгодишниот „договор за повторна соработка“, кој беше потпишан во 2015 година и истече во понеделникот, предвидува кинески агенти да отпатуваат во Швајцарија и да интервјуираат осомничени кинески државјани кои швајцарските власти сакаат да ги депортираат.
За разлика од повеќе од 50 слични договори кои Швајцарија ги потпиша со други земји, владата никогаш не го претстави овој договор во јавноста и ниту отворено информираше за неговото постоење сè до август. Официјалниот превод на англиски јазик на договорот заврши во рацете на „Заштитни бранители“, активистичка група за заштита на човекови права со фокус кон Азија. Таа открива исклучителна обврска кон тајноста во рамки на договорот кој беше скриен од јавноста. „Експертите“ од министерството за јавна безбедност (МПС) требале да присуствуваат на двонеделните „мисии“, но по испраќањето на поканата, Кина имала слобода да ги избира агентите без одобрување на Швајцарија.
Тие можеле да влезат во земјата без официјален статус, а Швајцарија имала обврска строго доверливо да го чува нивниот идентитет. Извештаите наменети за швајцарските власти исто така биле чувани во тајност. Обновувањето на договорите е регуларен дел во меѓународниот закон, но од „Заштитни бранители“ во 2015 година порачаа дека договорот со Пекинг, кој не бил реципрочен, имал „целосно поинаков карактер“ од другите што Швајцарија ги потпишала.
Невообичаена е тајноста која ги опфаќа самиот договор и работата на кинеските агенти, изборот на партнер, супер-министерството за безбедност со широка надлежност, вклучително и полициски и разузнавачки служби и присуството на агенти. Од „Заштитни бранители“ велат дека „само мал број на случаи (на обнова) договорите ѝ овозможуваат на другата страна да испрати претставници да ги придружуваат поединците во процесот на враќање, а во тие случаи (претставниците) се ограничени на таа специфична активност и се работи за јавна, службена должност што се извршува“. Договорот беше исклучително поволен за Кинезите и ги надминуваше обичните договори за споделување на информации за миграцијата, како што истакна Маргарет Луис, професорка по право на американскиот универзитет „Сетон хол“.
– Чудно е што на толку ниско ниво, за некој што престојува нелегално во Швајцарија, Народна Република Кина оди дотаму да испраќа свои претставници. Инцијативите (за претставници на МПС да патуваат – забелешка на авторот) веројатно се лица кои се од интерес на кинеската влада – смета таа.
Не постоеја одредби за надгледување на активностите на агентите надвор од нивната соработка со швајцарските власти. Интересно е што поради неофицијалниот статус на агентите, тие веројатно патувале со туристички визи и имале пристап до целата шенген-зона, како што смета Питер Далин, директорот на групата „Заштитни бранители“.
– Нивните дејства во текот на тие две недели воопшто не биле надгледувани. Теоретски е фасцинантен фактот што ова воопшто било дозволено. Ако ова се чувало во тајност, тоа значи дека не знаеле ни другите влади – тврди тој.
Договорот предизвика гнев во Швајцарија кога за неговото постоење прво информираше локален медиум во август, во време кога растеше меѓународната загриженост затоа што Кина целеше на дисиденти и опозициски фигури. Дотогаш, договорот беше чуван во тајност што дури и швајцарскиот парламент и комитетот за надворешни работи не знаеја за неговото постоење. Комитетот оттогаш побара консултација пред истиот да биде обновен.
Швајцарскиот секретаријат за миграција (СЕМ) го бранеше договорот како неопходна алатка за спречување на нелегалната миграција и велеше дека ги контролира информациите што им се даваат на кинеските претставници. СЕМ порача дека бил искористен само еднаш во 2016 година, кога четири азиланти биле меѓу 13-те депортирани лица. Активистичките групи порачаа дека Швајцарија може да е под ризик да ги прекрши принципите за неиспраќање на азилантите во матичните држави, поточно им се забранува на бегалците да се вратат во ризичните татковини. Тие изразија загриженост дека не постои механизам за да се следи однесувањето кон депортираните лица откако тие се вратиле во Кина.
– Со оглед на озлогласената репутација на Кина во однос на кршење на човековите права на притворените лица, исто така легитимна забелешка е дали репатрираните лица би биле изложени на тортура или на друго лошо однесување доколку се најдат во притвор – истакна Лео Лан, портпарол на активистичката група Бранители на кинеските човекови права.
Портпаролот на СЕМ изјави за швајцарските медиуми дека ќе се цели само на лицата кои не биле под ризик од гонење во нивната татковина, така што тука се изземени тибетанските и ујгурските азиланти, но оваа заштита не е наведена во договорот. Ванг Ајџонг, активист од јужниот кинески град Гвангжу, посочи дека договорот исто така може да ги загрози лицата кои го напуштиле Хонгконг, сега откако територијата е под поголема кинеска контрола. Ванг нагласи дека обновувањето на договорот меѓу Кина и Швајцарија може да ја стави Швајцарија во „лоша и неморална позиција“.
Во изминативе години, Кина стана поактивна во користењето на билатерални и мултилатерални патишта како Интерпол, како и неофицијално влегување во други држави, за да ги следи кинеските државјани што се од посебен интерес. Исто така постои поголема загриженост за тамошното постапување со затвореници. Луис истакна дека овие настани се алармантни затоа што Швајцарија им дозволила на претставници од МПС да влезат речиси без надзор.
– Обично владите сакаат одблиску да внимаваат на странските агенти кои се движат на нивната територија. Ако во Швајцарија претставници на МПС имаат време слободно да се движат (надвор од интервјуирањата со швајцарска иницијатива – забелешка на авторот), загрижена сум за можноста за интеракции со други државјани на Кина кои се неофицијални по природа и за шансите за принуда – порача таа.
Превод: Билјана Здравковска