Лондонскиот аеродром „Хитроу“ откажа повеќе од сто летови пред дводневниот штрајк планиран за следната недела, пренесоа британските медиуми.
Најголемиот британски синдикат „Јунит“ соопшти дека поголемиот дел од четирите илјади членови го отфрлиле предложениот договор за плати пред преговорите на синдикатот со администрацијата на „Хитроу“ и дека штрајкот планиран за понеделник и вторник најверојатно ќе се случи.
Најголемиот аеродром во Велика Британија превентивно откажа 172 летови, додека во тек се последните преговори за да се избегне штрајк, пренесува британски „Телеграф“.
– Менаџментот на „Хитроу“ претпочита да плати неколку милиони фунти на авиокомпаниите за надоместоци за откажани летови и да предизвика незадоволство кај патниците, наместо на персоналот да му даде покачување на платите – велат од синдикатот.
„Јунит“ проценува дека околу 88.000 патници би можеле да бидат погодени доколку 20 отсто од летовите бидат откажани во понеделник и вторник, а „Хитроу“ на авиокомпаниите ќе треба да им плати 2,3 милиони фунти како отштета.
Вкупниот износ би можел да биде двојно повисок ако синдикатот одлучи да одржи уште еден 48-часовен штрајк на 23 и 24 август.