Цитра мислела дека се работи за работен состанок. Двајцата мажи, кои тврделе дека се претставници на локалните власти, ѝ рекле дека сакаат таа да работи на нивниот проект, во рамки на агенцијата за помош, што ја водела таа.
Оваа тогаш 28-годишна девојка, била нервозна зашто требала да оди сама на состанок, меѓутоа сакала да се истакне на работа, па ги отфрлила таквите грижи.
После еден час, мажите понудиле состанокот да продолжи на друго место и ѝ понудиле превоз со нивниот автомобил. Инсистирајќи да оди со својот мотор, додека се качувала на него и пробувала да го заврти клучот, се појавила друга група мажи и ја грабнале.
– Тепав и врискав додека ме влечкаа кон авотмобилот. Бев беспомошна. Внатре двајца ме врзаа за седиштето. Знаев што се случува – раскажува Цитра.
Таа била заробена за да ја омажат.
Грабањето невеста е контроверзна пракса на островот Сумба во Индонезија. И покрај долгогодишните повици на групите за заштита на правата на жените оваа пракса да сеукине, таа продолжува да се спроведува во одредени делови на Сумба, индонезиски остров, источно од Бали.
Откако две виеоснимки на кои се гледа грабањето на две невести ги преплавија социјалните мрежи, централната власт повикала оваа пракса да се укине.
Се чувствував како да умирам
Додела била во автомобилот, Цитра успеала да прати порака на своето момче и на родителите. Куќата во која пристигнала била традиционална, со висок, искосен покрив и тешки дрвени столбови. Семејството што ја пречекало биле некои далечни роднини од страната на татко ѝ.
– Имаше многу луѓе што нè пречекаа. Мавнаа во гонгот кога стигнав и ритуалот почна – вели Цитра.
Древната анимистичка религија, позната како Марапу, се применува ширум Сумба, заедно со христијанството и исламот. За да остане светот во рамнотежа, се приготвува свечена церемонија и на духовите им се принесуваат жртви.
– На Сумба луѓето веруваат дека ако водата го допре вашето чело не смеете да ја напуштите куќата. Свесна бев што се случува и се борев и не дозволив водата да ми го допре челото – раскажува Цитра.
Нејзините грабнувачи упорно ѝ повторувале дека тоа го прават од љубов и се обидувале да ја наведат на доброволно мажење.
– Плачев додека не ми се пресуши грлото. Си ја мавав главата во големите дрвени столбови. Сакав јасно да им дадам до знаење дека не сакам да се мажам. Се надевав дека ќе се сожалат – вели Цитра.
Наредните шест дена држена е во заробеништво во нивната куќа.
– Плачев по цели ноќи и не спиев. Мислев дека умирам – додава таа.
Цитра одбивала да јаде и пие зашто тоа би било чин со кој го одобрува бракот.
Нејзината сестра и семејство со помош на групата за заштита на женските права, преговарала со старешината на селото и со семејството што ја грабнало, за нејзино ослободување.
Не се во положба да преговараат
Групата за заштита на женски права документиралата седум грабања на невести во последниве четири години, а се верува дека нивниот број е многу поголем.
Само три жени, меѓу кои и Цитра, се ослободени. Останатите остануваат во брак.
– Обележани се како срам за семејството и луѓето велат дека нема никогаш да се омажат. Затоа жените остануваат во присилен брак – вели активистката Априса Таран.
Светската здравствена организација тврди дека ризикот од насилство над жените е зголемен за време на пандемијата. После изразеното незадовоство, на национално ниво, регионалните лидери на Сумба на почетокот од месецов потпишаа декларација со која се одрекуваат од оваа пракса.
Групите за заштита на правата на жените го поздравија овој потег, ама го опишаа како „прв чекор од долгото патување“.
Цитра вели дека е благодарна за донесениот закон и дека се надева дека никој нема да мора да пројде низ она што таа го преживеала.