Поранешниот извршен директор на „Боинг“ Денис Миленбург ја напушти компанијата со исплата од 80,7 милиони долари, откако доби отказ по двете авионски несреќи во кои загинаа вкупно 346 луѓе, пренесува „Кварц“. Неговата компензација ги надминува 50-те милиони долари што ги добија семејствата на жртвите.
„Боинг“ не му даде полна компензација на Миленбург и го принуди да се откаже од десетици милиони долари на сметка на придобивките од акциите, но тој задржа 62 милиони долари од отпремнината и исплатата за пензија. Миленбург задржа и акции во вредност од 18,5 милиони долари.
Снимките од протечените разговори во компанијата кои беа предадени на американскиот конгрес, прикажаа слика за „Боинг“ како организација исполнета со обиди за заташкување на кризата и за избегнување на надзорот од регулаторите.
Американската Федерална управа за воздухопловство предложи казна од 5,4 милиони долари за „Боинг“ поради инсталирањето на неисправни делови во крилата на безмалку 200 авиони. Авионските несреќи на моделот „737 макс“, пак, се верува дека се резултат на грешки во софтверот. Целата флота на „737 макс“ е приземјена уште од март минатата година.