Пропаѓањето на еден од последните големи независни медиуми во Унгарија откри како Брисел нема ниту политички ниту правни средства за да помогне во зачувувањето на слободата на медиумите во земјите-членки на ЕУ, пренесува „Политико“.
Мнозинството на новинари и уредници на најголемиот информативен веб-сајт во Унгарија, „Индекс“, ги напуштија работните места минатиот месец по отпуштањето на главниот уредник, кој предупредуваше за ризиците за губење на независноста на порталот. Пропаста на „Индекс“ уследи две години откако околу 400 медиуми беа консолидирани во медиумски конгломерат кој доминира во унгарскиот медиумски простор со известување наклонето кон владејачката партија на премиерот Виктор Орбан.
Комесарката за вредности и за транспарентност на Европската комисија, Вера Јурова изрази загриженоста поради случајот но ЕУ наскоро дозна дека не е екипирана за преземање на акција.
Европскиот парламент ја активираше процедурата од членот седум поради загриженоста за назадувањето на демократијата во Унгарија. Ваквата постапка во теорија може да доведе до одредени санкции, но процесот е заглавен бидејќи може да биде блокиран од која било членка на ЕУ која има сопствени проблеми со владеењето на правото. Напорите за поврзување на финансирањето од ЕУ со критериумите за владеење на правото резултираа со политички несогласувања, па останува нејасно дали таквите мерки можат да бидат спроведени.
Земајќи ги предвид ваквите ограничувања во справување со Унгарија за прашањето на демократските вредности, некои ги полагаат надежите за носење на закон кој ќе биде наменет за спречување на нефер бизниси, како и на владите од вложувањето на пари во фаворизираните бизниси.
Но обидите да се преземат мерки во случајот со унгарските медиуми наидоа на бројни пречки, а самата Јурова призна дека е очигледно оти ЕУ не располага со соодветно оружје. Згора, Брисел традиционално ги смета медиумите за национално прашање.