Германското Федерално јавно обвинителство соопшти дека покренало обвинение против 29-годишен осомничен припадник на џихадистичката група Исламска држава (ИД), поради планирање напад со возило на масовен собир во градот Карлсруе во југозападна Германија.
Обвинетиот Дасбар В., кој е германски државјанин, се товари за членување во терористичка органзација и за планирање на насилни акции.
Според Обвинителството, Дасбар В, уште од 2015 година почнал да шири пропаганда на ИД преку интернет, а во 2016 година заминал за Ирак каде во редовите иа џихадистичката група бил обучуван за снајперист.
Тој се вратил во Германија минатата година и почнал да подготвува план за терористички напад со возило и за таа цел конкурирал на неколку места за вработување како возач-дистрибутер.
Дасбар В. планирал нападот да го изврши за време на божиќниот панаѓур во Карлсруе минатата година, но бил уапсен неколку дена пред тоа. Од декември 2017 година тој се наоѓаше во притвор, а Обвинителството дури сега покрена обвинение против него.