Хаитската полиција соопшти дека уапсила еден од осомничените организатори на атентатот врз претседателот Жовел Моиз. Станува збор за државјанин на Хаити, за кого властите се сомневаат дека ангажирал платеници за извршување на атентатот и дека имал намера да го замени Моиз на позицијата шеф на државата.
Моиз беше убиен во средата во неговиот дом во главниот град Порт-о-Пренс, а властите наведуваат дека во атентатот учествувале 26 Колумбијци и двајца Американци од Хаити, пренесува „Ројтерс“.
Директорот на полицијата, Леон Чарлс, на прес-конференција рече дека уапсен е Кристијан Емануел Санон (63), кој со приватен авион дошол на Хаити на почетокот на јуни, придружуван од изнајмено обезбедување, и сакал да стане претседател на државата.
Директорот не кажа детали за мотивите на Санон, освен дека се политички мотивирани, додавајќи дека еден од уапсените порано за учество во атентатот го контактирал по апсењето.
Вашингтон го одби барањето на Хаити да испрати трупи до нив, иако висок американски официјален претставник во неделата рече дека ќе испрати технички тим за проценка на ситуацијата. Претходно, полицијата уапси 18 Колумбијци и тројца Американци со потекло од Хаити.
Пет Колумбијци се во бегство, а тројца се убиени.