Водечките законодавци во американската сојузна држава Орегон го предупредија американскиот претседател Доналд Трамп дека федералните трупи треба да го напуштат Портланд по информациите дека нивните припадници апселе демонстранти кои не биле во близина на федералните згради, пишува „Њузвик“.
Градоначалникот на Портланд Тед Вилер му кажа на Трамп да ги „држи неговите трупи во неговите згради или тие да го напуштат нашиот град“, откако се појави видео-снимка на која се забележуваат неидентификувани федерални агенти како апсат демонстрант и го ставаат во необележано возило. Вилер порача и дека активирањето на федералните трупи е чисто политички потег во годината на претседателските избори.
Сенаторите од Орегон и двајца членови на локалните власти напишаа писмо до американскиот јавен обвинител Бил Бар, барајќи агенцијата веднаш да ги повлече „овие федерални паравоени сили од нашата држава“.
Агентите од американскoто Министерство за внатрешна безбедност (ДХС), од погранично-царинската служба, како и од службата на федералните маршали се во Портланд, со цел да го заштитат федералниот имот.
Но гувернерката на Орегон, Кејт Браун изјави за медиумите дека федералните трупи во Портланд само ги влошуваат протестите поради расната нееднаквост и полициската бруталност кои траат веќе 50 дена.
– Авторитативните влади, не демократските републики, испраќаат власти без обележја по демонстрантите. Овие Трамп-Бар тактики осмислени за елиминирање на секаков вид на одговорност се потполно неприфатливи во САД – напиша сенаторот Џеф Меркли на Твитер.
Погранично-царинската служба преку соопштение го бранеше присуството на нејзините агенти во Портланд наведувајќи дека тие се задолжени за заштита на федералните згради под федералната јурисдикција.
Обвинителството во Портланд побара истрага за снимката од апсењето на која се прикажани тешко вооружени, милитаризирани агенти, без обележја за идентификација, како апсат демонстрант во Портланд.
Федералните агенти во Портланд покренаа обвиненија против најмалку 13 лица во врска со дела поврзани со протестите.