Историската црква „Сент Џон“, позната и како претседателска црква затоа што се наоѓа недалеку од Белата куќа, беше опожарена и оштетена за време на мирните протести во Вашингтон, кои во текот на ноќта се претворија во изливи на вандализам.
Црковните достоинственици велат дека ќе се молат за здравјето на нацијата, откако црквата била оштетена во жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата, јави Ен-би-си Вашингтон.
Пожарот во 200-годишната црква е подметнат, соопштија надлежните, додавајќи дека во еден момент избувнал голем пожар и пред црквата, а скршено било и заштитното стакло на црквата, која била исшарана со графити.
Црквата има историско значење, затоа што на нејзините служби присуствувале скоро сите претседатели почнувајќи од Џејмс Медисон.
Повеќе од 4.400 демонстранти беа уапсени за време на протестите што избувнаа во Соединетите држави по повод убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кои траат веќе шест дена, јавува порталот „Ју-ес-еј тудеј“.
Мирните протести набрзо се претворија во вандализам и грабежи низ целата земја, а полицијата мораше да употреби солзавец и гумени куршуми за време на судирите со демонстрантите.
Тројца демонстранти се убиени во судирите со полицијата, еден во Кентаки и двајца во Ајова.