Количеството гасови кои ја задржуваат топлината во атмосферата достигна нов рекорд, информираше денеска Светската метеоролошка организација(СМО) во Женева.
– Нема знаци за пресврт на овој тренд – објави агенцијата на Обединетите нации(ОН) во годишниот извештај за стакленичките гасови.
Просечната концентрација на јаглерод диоксид пораснала на 405,5 честички на милион во 2017 година, што е пораст од 403,3 честички на милион во 2016 година.
Нивото на метан и азот оксид исто така пораснало.
Индустрискиот гас ЦФЦ-11 исто така расте и покрај меѓународниот мораториум на неговото производство. Најверојатно објаснување на неговиот пораст е производството на овој гас во источна Азија, наведува СМО.
– Науката е јасна. Без брзо намалување на јаглерод диоксидот и другите стакленички гасови климатските промени ќе имаат растечко деструктивно и неповратно влијание врз животот на Земјата. Просторот за дејствување речиси исчезна – изјави генералниот секретар на СМО Петери Таалас.
СМО наведува дека минатогодишната стапка на раст е во согласност со просечниот раст на стакленички гасови во изминатата деценија.