Генералното собрание на ОН речиси едногласно усвои Резолуција со која се повикува на укинување на американското ембарго за Куба што е на сила од 1962 година.
За Резолуцијата гласаа 189 членови на Генералното собрание на ОН, а две држави беа против. Одбиено е и американското барање да се испрати критика до Куба заради кршење човекови права. Против Резолуцијата, како и лани беа САД и Израел. Тоа е 27 пат ГС на ОН да повикува на укинување на ембаргото, но резолуциите на тоа тело на ОН не се обврзувачки.
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли оваа година поднесе осум амандмани на предложената Резолуција со инсистирање дека Куба крши човекови права. За тие амандмани гласаа само три држави покрај САД со што американското барање е одбиено.