Талибанските лидери ќе оформат 12-член совет за владеење со Авганистан, но ќе понудат министерски функции и на одредени „меки“ кадри од претходната влада поддржана од САД, со цел да оформат администрација што ќе биде прифатлива за меѓународната заедница, објавува „Форин полиси“ повикувајќи се на сопствени извори.
Тројцата најмоќни членови на новиот совет би можеле да бидат коосновачот на талибанското движење, мула Абдул Гани Барадар, синот на основачот на групата и творецот на победничката воена стратегија, мула Мохамад Јагуб, како и Халил Хагани кој е одговорен за дел од најжестоките терористички напади во изминатите 20 години. Тој се наоѓа на црните листи на Обединетите нации и на САД.
– Заедно, овие луѓе претставуваат еден од најголемите светски криминални и терористички картели. Талибанците заработуваат милијарди долари годишно преку производство и трговија со хероин и метамфетамин, како и со криумчањето на рудни богатства – наведува „Форин полиси“.
Цел на талибанците е новата власт да се претстави како инклузивна. Стратегијата на новото водство на Авганистан не ги опфаќа функциите на претседателот или пак, на емирот, титулата која претходно ја имаа талибанските водачи. Но, се смета дека стратегијата создава можност за фракциски поделби додека советот ќе треба да се справува и со бунтовничкото движење со седиште во Панџшир.