Често се поставува прашањето како Либија се најде во сегашната ситуација, а за да се добие одговор, треба да се согледа пошироката слика за државата во северна Африка каде што моментно се води оружен конфликт, објавува Јуроњуз.
По протестите за време на арапската пролет и падот на Муамер Гадафи во 2011 година, Либија се соочи со недостаток на политичко владеење и голема нестабилност. Од тогаш до денес, земјата е во криза поради внатрешни превирања и несогласувања, поделени меѓу политичките, воените и силите на власт. Претходно, споменатите услови овозможија плодна почва за создавање на повеќе милитантни и бунтовнички групи, кои денес контролираат различни делови од територијата на Либија.
Генералот Халифа Хафтар ја искористи ситуацијата за да ја спроведе својата агенда, благодарение на зголемената појава на исламски милитанти во и околу градот Бенгази. Припадниците на Исламската држава (ИД) беа протерани од родниот град на Гадафи, Сирт, во 2016 година, од страна на локалните сили кои беа поддржани со американски воздушни напади. Производството на нафта беше делумно обновено, блокадите прекинати, а шверцерските мрежи за мигранти контролирани, под силен притисок од Италија.
Но, додека моќта останува поделена помеѓу двете главни фракции, овие мали победи не можеа целосно да ја стабилизираат земјата. Либија моментно има две две конкурентски влади кои се обидуваат да раководат со државата. На истокот е Претставничкиот дом кој се наоѓа во градовите Тобрук и Ал-Бајда. Оваа влада го има изборниот мандат, и поддржана е од Либиската национална армија (ЛНА), која во моментов напредуваат кон главниот град Триполи, во обидот за преземање на власта. На западот е владата на Националната спогодба која се наоѓа во Триполи. Оваа влада, предводена од премиерот Фајез ал Сараџ, е признаена од страна на Обединетите нации (ОН).
Сепак, овие две административни тела не се единствените центри на моќ кои имаат контрола во земјата богата со нафта. Се смета оти неколку бунтовнички групи, воглавно на југот, како и племенските сојузи, имаат силно влијание. Исто така, на југот има и малцински групи кои ги контролираат рутите за криумчарење во регионот, најчесто поврзани со шверц на луѓе.
Околу три четвртини од нафтата на Либија се произведуваат во источниот дел од земјата. Нафтата, секако, е главниот извор на средства во Либија, па постои незадоволство во источниот дел, поради тоа што во тој дел сметаат дека добиваат мал процент од профитот, во однос на остатокот од земјата.
Оружените борби доаѓаат во пресрет на националната конференција планирана за 14 април, чија цел е зајакнување на националното единство и решавање на политичката и безбедносна криза по отстранувањето на Муамер Гадафи од власт во 2011 година.
Постојат планови преговори предводени од страна на ОН, со цел да се одржат изборите закажани од 14 до 16 април, во либискиот град Гадамес. Претставникот на САД во Либија, Хасан Саламе, инсистираше дека преговорите треба за започнат, само доколку не постојат сериозни причини за нивно прекинување. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутиереш, пак, во четвртокот беше во Триполи за да разговара околу новонастанатата ситуација.
Но, како што пишува Би-би-си, генералот Хафтар изјави дека неговите трупи нема да запрат сè додека не го победат, според нив, тероризмот во земјата.