Германската полиција објави видеоснимка од вчерашниот грабеж во музејот во Дрезден.
Акцијата траела неколку минути, а украдениот накит е од непроценлива вредност, иако првично направената штета беше проценета на речиси една милијарда евра.
Ограбувачите имале батериски лампи и секири. На снимките од безбедносните камери, кои работеле и по прекинот на струјата, се гледа како еден од крадците со секира го крши стаклото на витрините и зема накит.
Според официјални податоци, станува збор за најголемиот грабеж на уметнички предмети по Втората светска војна.
Натрапниците вчера влегле во историскиот дел на музејот, што се состои од два дела, и каде што се чуваат околу 4.000 скапоцени предмети од слонова коска, злато, сребро и скапоцени камења.
Историскиот музеј во Дрезден содржи најголема колекција на наследства од сите музеи во Европа. Како што објави „Билд“, арамиите краделе исклучиво накит, a ги оставиле поголемите предмети, како вази или слики.
Директорката на музејот Марион Акерман изјави дека украдените дела се од непроценлива вредност и оти е невозможно да се продадат на пазарот.
Полиција сè уште трага по двајца осомничени.