Грузиската полиција ноќеска употреби солзавец, гумени куршуми и водени топови за да ги спречи демонстрантите да упаднат во државниот парламент, при што беа повредени неколкумина на кои им беше потребна итна медицинска помош, пренесува „Гардијан“.
На 39 полицајци и 30 граѓани, кои беа повредени за време на судирите, им беше укажана медицинска помош, а се очекува овој број да се зголеми, според Давид Сергеенко, советник на премиерот.
Во текот на ноќта, пред зградата во центарот на главниот град Тбилиси се собраа илјадници незадоволни граѓани, откако на рускиот пратеник Сергеј Гаврилов синоќа му беше дозволено да се обрати од говорницата на седница на парламентот.
Откако се рашири веста за обраќањето на Гаврилов, народот започна да се собира пред парламентот и доцна вечерта толпата броеше 10.000 луѓе кои го вееја знамето на Грузија, скандираа, а по некое време и се обидоа да преминат преку блокадите кои беа поставени од полицијата за да влезат во парламентот.
Полицијата со часови повремено употребуваше солзавец со цел да ја одврати толпата од упадот. Во раните утрински часови беа употребени и гумени куршуми и водени топови. До 3 часот изутринава, стотина полицајци ја затворија областа околу парламентот, но илјадници демонстранти останаа на местото.
– Ја разбираме фрустрацијата кои ја чуствуваат многумина денеска и ги повикуваме сите страни да останат смирени и да постапуваат во рамки на законот – стои во изјавата на Американската амбасада во Тбилиси.
Опозицијата најави дека луѓето ќе останат на улиците се додека претседателот на собранието, Ираки Кобакидзе и неколку високи функционери не си поднесат оставки. Според опозицијата, тие се виновни за моменталната ситуација во земјата, зошто дозволиле рускиот пратеник да се обрати на говорницата.
Русија и Грузија од 2008 година, кога имаа краткотрајна војна, немаат диплоаматски односи, а Москва ја призна независноста на двата отцепени региони Осетија и Абхазија, каде сега се стационирани руски трупи.