Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор објави дека Мексико ја заврши војната против дрогата и информираше дека армијата повеќе нема да става приоритет на апсење на првите луѓе на картелите, пренесува магазинот „Тајм“.
– Официјално војната е завршена. Сакаме мир и ќе успееме да го оствариме тоа – изјави Обрадор на прес конференција, откако од медиумите беше поставено прашање за тоа дали се уапсени некои шефови на картелите во периодот откако тој е на власт.
Обрадор дополни дека целта на власта не е да апси, туку да гарантира безбедност на населението во државата, а со тоа и да го намали бројот на убиства на дневно ниво.
Кога дојде на власт во јануари, Обрадор вети дека ќе се справи со насилството и дека ќе заземе друг пристап кон проблемот, но неговата идеја да создаде национална гарда создаде стравови дека земјата постојано ќе биде милитаризирана.
Според пишувањата на „Тајм“, во Мексико има повеќе од 200 илјади регистрирани убиства откако е објавена војна на картелите пред 13 години. Некои сојузни држави во Мексико имаат највисоки стапки на убиства во светот.
Минатата година, втора по ред, Мексико имаше рекорден број на убиства, а статистиките покажаа дека во 2018 бројот на убиства се зголемил за 33 отсто во однос на 2017 година.