Поголема бројка на мигранти се сметаат за загинати откако нивниот брод се превртел на Медитеранот, во близина на брегот на Тунис, јавува Би-би-си.
Според Меѓународната организација за мигранција на Обединетите нации (ОН), најмалку 50 луѓе загинале во инцидентот, а 16 лица ја преживеале несреќата. Локалните медиуми известуваат дека неколку рибари тргнале да ги спасуваат преживеаните.
Но, тунискиот национален информативен сервис пренесе дека 70 мигранти се удавиле на 74 километри од брегот на Сфакс, јужно го главниот град Тунис. Во следниот период се очекува да се добие конкретна бројка на загинати лица во оваа несреќа.
Според туниските власти, бродот тргнал од местото Зувара во Либија, а засега телата на само четири лица се пронајдени за време на потрагата, додека морнарицата продожува да трага по другите.
Илјадници мигранти секоја година се обидуваат да го преминат Медитеранот во обид да влезат во Европа. Во овие обиди, често пати се случува тие да патуваат во бродови кои се преполни и несоодветни за толку долги пловидби.
Според проценките на ОН, во 2018 година, во просек по шест мигранти дневно загинувале во обид да го преминат Медитеранот.