Планот на Џонсон предвидува, покрај барањето за продолжување на рокот за брегзит, да се испрати и писмо во Брисел, во кое британската влада се противи на какво било продолжување на рокот по 31 октомври, пренесува „Дејли телеграф“

Британскиот премиер Борис Џонсон подготвува планови за легално спречување на какво било продолжување на рокот за излегување на Британија од Европската Унија. Советниците на премиерот викендов одржаа состанок на кој разговарале за тоа како да го спречат британскиот парламент да наметне тримесечно продолжување на рокот за брегзит, доколку не биде постигнат договор со ЕУ. Планот на Џонсон предвидува, покрај барањето за продолжување на рокот за брегзит, да се испрати и писмо во Брисел, во кое Владата се противи на какво било продолжување на рокот по 31 октомври, пренесува „Дејли телеграф“.

По неочекуваната оставка на министерката за труд, Амбер Руд, поради политиката на Џонсон, двајца министри порачаа дека премиерот е одлучен да го спроведе планот за излегување на Британија од Унијата на 31 октомври, со или без договор. Џонсон го загуби мнозинството во парламентот, исклучи 21 пратеник од Конзервативната партија и не успеа да наметне нови избори. Потоа, оставка поднесе и неговиот брат, кој порача дека е притиснат помеѓу семејството и националниот интерес. Оставката на министерката Руд во саботата поради непропорционалниот фокус на Владата кон подготовките за брегзит без договор дополнително ја продлабочи политичката криза во Британија.

– Гледам дека 80 до 90 отсто од работата на односите со ЕУ, се однесува на подготовките за брегзит без договор. Целта на оваа оставка е да се укаже на тоа дека Конзервативната партија во своето најдобро издание треба да биде умерена партија што ги прифаќа луѓето со различни ставови за Унијата – порача Руд.
Таа за Би-би-си додаде дека има многу малку докази оти Владата ќе добие нов договор за брегзит.

– Кога побарав детали од напорите на Владата за нов договор за брегзит, сѐ што добив беше одговор на една страница – истакна Руд.

За наводниот план на Џонсон да испрати две писма во Брисел – формално барање за продолжување на рокот и јасно ставање до знаење дека британската влада не сака продолжување – се огласи и дел од политичката јавност во Лондон.
Па, така, Лорд Сампшн, поранешен судија во британскиот Врховен суд, изјави дека таквата „игра“ нема да биде легална, бидејќи законот го обврзува премиерот да побара продолжување на рокот.

– Да се испрати писмо, а потоа да се направи обид да се неутрализира истото тоа, за мене претставува отворено кршење на законот – изјави Сампшн.

Другата опција, според Би-би-си, наводно предвидува да се побара од некоја земја-членка на ЕУ да стави вето на продолжувањето на рокот за брегзит.

Од друга страна, шефот на британската дипломатија Доминик Раб тврди дека се водат интензивни преговори во Брисел и оти владата на Џонсон не е фокусирана на т.н. стратегија за тврд брегзит, односно брегзит без договор. По Раб, се огласи и министерот за финансии Саид Џавид, кој истакна дека премиерот во октомври ќе се обиде да обезбеди нов договор со Унијата.

– Премиерот ќе се обиде на самитот на 17 и на 18 октомври да постигне договор. Но сигурно нема да побара одложување на брегзит – порача Џавид.

Истовремено, шефот на француската дипломатија Жан Ив Ле Дријан изјави дека ситуацијата е многу загрижувачка и дека Британците мора да кажат точно што сакаат.
– Во сегашните услови, мојата земја нема да може да поддржи уште едно одложување на брегзит – порача францускиот министер.


Опозицијата подготвува тужба за британскиот премиер

Поголем број пратеници во британскиот парламент, меѓу кои и оние што беа избркани од владејачката Конзервативна партија, подготвуваат тужба доколку премиерот Борис Џонсон одбие да побара ново одложување на излегувањето на Британија од Европската Унија.
– Премиерот или ќе ја прифати волјата на парламентот или нема да ја прифати. Ќе биде презрен од парламентот и ќе има последици поради тоа. Мора да ги следи инструкциите што му ги дава парламентот – порача Ијан Блекфорд, пратеник од Шкотската народна партија.