Поранешниот американски претседател Барак Обама остро го критикуваше својот наследник, републиканецот Доналд Трамп, како несоодветен за позицијата шеф на државата.
Обама ги повика гласачите да се одлучат за неговиот партиски колега Џо Бајден, за да се обезбеди опстанок на американската демократија.
На третата вечер од Националната конвенција на демократите, Обама рече дека Трамп не покажува интерес да ја третира функцијата на претседател како ништо друго, освен како реално шоу што може да го искористи за да го привлече вниманието за кое копнее.
Тој исто така рече дека Трамп не покажал интерес за ангажирање на работа, за постигнување договор, ниту за користење овластување за да му помогне на некој друг освен на самиот себеси и неговите пријатели, пренесува „Ројтерс“.
Обама заклучува дека Трамп не е дораснат да ја извршува работата.
„Последиците од тој неуспех се сериозни“, оцени Обама и го обвини Трамп за фактот дека 170.000 Американци починале како резултат на коронавирусот, како и за загубата на милиони работни места поради рецесијата што следуваше.
Поранешниот американски претседател, кој сè уште е многу популарен меѓу демократските гласачи, ја искористи можноста да го поддржи Бајден, кој два мандати беше негов потпретседател.