Инспекторатот за податоци на Норвешка ја забрани употребата на јавната здравствена апликација за контрола на ширењето на ковид-19, поради загриженост за заштита на податоците. Како што јавуваат западните медиуми, апликацијата „Смиттестопп“ собира големи количества лични информации за оние што ја користат апликацијата, вклучувајќи и секојдневни податоци за локацијата и информации за контактот на корисниците со други лица. Според норвешкото регулаторно тело за заштита на податоците, начинот со кој се практикува користењето на апликацијата е спротивно на законите во земјата. Од друга страна, Институтот за јавно здравје во земјата соопшти дека одлуката за привремена забрана на апликацијата ќе ослабне важен дел од подготвеноста и ќе ја намали можноста на агенцијата да се бори против постојаното ширење на инфекцијата. Инаку, Норвешка досега има регистрирано 8.631 случаи и 242 смртни случаи во земја со население од 5,3 милиони луѓе.
Подготвил: Дејан Србиновски