Врховниот суд на Британија ја прогласи за незаконска одлуката на премиерот Борис Џонсон за суспензија на парламентот, која доведе до продлабочување на политичката криза во земјата околу брегзит. Со тоа, на Џонсон му е зададен нов удар во политичката драма околу брегзит. По одлуката на Врховниот суд, пристигнаа и првите реакции, во кои се бара оставка од премиерот и повторно свикување на парламентот.
– Одлуката да го советува нејзиното височество да го суспендира парламентот беше незаконска, бидејќи имала ефект на незадоволство или спречување на способноста на парламентот да ги извршува своите уставни функции без разумно оправдување.
Парламентот не е суспендиран, така одлучија едногласно сите 11 судии. Сега останува на парламентот, посебно на претседателите на двата дома, да одлучат за наредните чекори – порача Бренда Хејл, претседателка на Врховниот суд.
Премиерот Џонсон претходно побара британскиот парламент да биде суспендиран од 10 септември до 14 октомври, а кралицата Елизабета Втора го прифати неговото барање.
По соопштувањето на судската одлука, претседателот на Долниот дом на парламентот, Џон Беркоу, порача дека мора итно да биде одржана седница на ова тело.
– Поради остварувањето на нашата парламентарна демократија, Долниот дом мора да заседава без одложување. Затоа итно ќе одржам консултации со лидерите на парламентарните партии – истакна Беркоу.
Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, го повика Џонсон да ја преиспита својата позиција. Според Корбин, одлуката на Врховниот суд јасно сигнализира дека британскиот премиер покажал непочитување на демократијата и злоупотреба на функцијата.