Саудиски претставник тврди дека оригиналниот план бил да го убедат саудискиот новинар Џамал Кашоги да се врати во Саудиска Арабија.
Доколку Кашоги тоа го одбише, следниот чекор беше да го дрогираат со средство за смирување и да го одведат во сигурна куќа во Истанбул, каде би го држеле 48 часа. Доколку Кашоги одбише да се врати во Саудиска Арабија, тимот требаше да го ослободи, изјави неименувам саудиски претставник за Си-Ен-Ен.
Тој тврди и дека на лице место бил присутен и форензичар, за да ги отстрани сите докази за присуството на Кашоги во Конзулатот и во сигурната куќа, за да не може новинарот да тврди дека бил киднапиран.
Во операцијата учествуваа 15 Саудијци, деветмина во Конзулатот, тројца или четворица требало да го испитуваат, а другите биле логистика, наведе саудискиот претставник.
Тој истакна и дека Кашоги бил вознемирен откако му било кажано дека ќе биде дрогиран и одведен во сигурна куќа и почнал да се спротиставува, при што е задавен.
Во меѓувреме, турската новинска агенција Анадолија објави дека Саудијците не им дозволиле на турските полицајци, кои го истражуваат убиството на Кашоги да го пребараат бунарот, што се наоѓа во дворот на Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските форензичари во рамките на истрагата за смртта на Кашоги изврши претрес на Конзулатот и резиденцијата на генералниот конзул и на возилата на Конзулатот.
Саудискиот новинар и дописник на „Вашингтон пост“ 59-годишниот Кашоги исчезна на 2 октомври, а последен пат е виден како влегува во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул. По повеќедневно демантирање, официјален Ријад во петокот призна дека Кашоги е убиен во Конзулатот во непланирана „караница и тепачка“.