Ирската полиција уапси маж во рамките на истрагата за смртта на 39-те лица чии тела беа откриени во приколка на камион-ладилник во близината на Лондон. Со тоа бројот на уапсени се искачи на пет лица, меѓу кои е и возачот на камионот, 25-годишниот Мо Робинсон, кој е по потекло од Северна Ирска.
Полициски извори соопштија дека младиот маж бил уапсен на пристаништето во Даблин, откако пристигнал со траект од Франција. Тој е осомничен дека е вмешан во смртта на 39-те азиски имигранти, кои, според првичните информации од истрагата, измрзнале до смрт во приколката на камионот.
Во меѓувреме продолжуваат напорите за идентификација на жртвите. Иако првично британските власти соопштија дека сите починати се државјани на Кина, најновите извештаи сугерираат дека некои од жртвите најверојатно потекнуваат од Виетнам. Инспекторот на полицијата за округот Есекс, Мартин Пезмор, изјави дека жртвите не се идентификувани и оти покрај телата биле пронајдени многу малку документи, но не и иденфитикациски. Пезмор во саботата се сретна со амбасадорот на Виетнам во Лондон, по информациите на социјалните мрежи дека многу од жртвите во камионот потекнуваат од оваа азиска земја. Тој повторно упати апел до оние што би можеле да имаат информации за жртвите да помогнат во истрагата.
Покрај тоа, британските власти се обидуваат да откријат дали зад целиот инцидент, кој ја шокира светската јавност, стои организирана криминална група што се занимава со трговија на луѓе.