Новиот јапонски император Нарухито (59) истакна дека е „исполнет со свеченост“, обврзувајќи се да покаже иста посветеност кон јавноста како и неговиот татко, на церемонија која официјално го признава неговото доаѓање на престолот, пренесува британски „Гардијан“.
– Кога размислувам за важната одговорност што ја преземав, исполнет сум со чувство на свеченост. Ќе го имам предвид патот изоден од претходните императори и ќе се посветам на самоподобрување. Исто така се обврзувам дека ќе постапувам во согласност со уставот и исполнување на обврската како симбол на државата и на единството на народот на Јапонија. Искрено се молам за среќа на народот, понатамошен развој на нацијата и за светски мир – кажа јапонскиот император придружуван од неговата сопруга Масако.
Претходно, Нарухито стоејќи помеѓу неговиот помлад брат Акишино и принцот Хитачи, братот на претходниот император, симболично ги презема симболите на царската власт, на кратка церемонија која беше изведена без ниту еден изговорен збор.
На женските членови на царското семејство не им беше дозволено присуство на церемонијата, откако владата одлучи да испочитува одредени преседани од претходните церемонии, што предизвика контроверзи. Во присуство на мал број на водечки политичари и гости, пред императорот Нарухито беа поставени светиот меч и скапоцености, ставени во свечено украсени кутии.
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе испрати срдечни честитки во името на јапонскиот народ. Кинескиот претседател Си Џинпинг беше меѓу светските лидери кои испратија честитки до новиот јапонски император. Американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде првиот светски лидер што ќе се сретне со императорот Нарухито, кога ќе го посети Токио месецов.
Нарухито официјално стана император на полноќ, откако заврши 30-годишното владеење на неговиот татко Акихито (85), чија абдикација, која се должи на неговата возраст, беше прва на еден јапонски император во нешто повеќе од 200 години. Со доаѓањето на престолот на Нарухито, означен е почетокот на ерата „реива“ (ера на убава хармонија).
Познавачите на состојбите очекуваат Нарухито да го наследи и стилот на владеење на неговиот татко, кој царското семејсто го доближи до народот.