Како светската јавност го коментира значењето на победата на Џо Бајден за остатокот од светот
Америка доби нов лидер. Победата на Џо Бајден на американските претседателски избори и поразот на конзервативниот популист Доналд Трамп би можеле да означат почеток на драматични промени во односот на САД кон светот. Но дали тоа значи дека работите ќе се вратат во поранешната состојба?
Бајден вели дека ќе му понуди на светот една нова Америка
Политичкиот ветеран од Демократската партија, кој ќе ја преземе функцијата во јануари 2021 година, вети дека ќе му понуди на светот една нова Америка, на која може да ѝ верува и на која може да се потпре светот. Тој се заветува и дека ќе биде попријателски расположен кон сојузниците на САД од неговиот претходник, построг кон автократите и, генерално, подобар за целата планета. Меѓутоа, во истиот контекст, со интересна констатација реплицира Си-ен-ен, која јасно и гласно изнесе дека „надворешнополитичкиот пејзаж може да изобилува со многу повеќе предизвици одошто Бајден очекува или памети“. Имено, многу нешта се сменети од времето кога Бајден последен пат беше во Белата куќа во својство на потпретседател на Обама. Непријателите на САД, некои произлезени од односот на Трамп, а некои поттикнувани од него, сега се многу поригидни. Рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот Кси Џинпинг, севернокорејскиот Ким Џонг-ун и неколкумина други ја искористија суетноста на Трамп, „играјќи“ со неговото огромно его и собирајќи притоа голем број бенефиции „од негова на своја сметка“.
Бајден ветува дека ќе биде поинаков и дека ќе анулира дел од најконтроверзните политики на Трамп, вклучувајќи ја и онаа во однос на климатските промени, како и дека многу поблиску ќе соработува со докажаните сојузници на Америка. Но кога се работи за Кина, тој вели дека ќе продолжи со непопустливиот став на својот претходник на полето на трговијата, кражбата на интелектуалната сопственост и наметнатата трговска практика, но не како што тоа го правеше Трамп (со малтретирање на сојузниците), туку по пат на фер соработка и кооптирање.
Што ќе се случува воодносите на САД со Блискиот и Средниот Исток
Во однос на Иран, новиот американски претседател му вети на Техеран дека ќе се „спаси“ од санкциите доколку се согласи со мултинационалната нуклеарна спогодба што во минатото беше менаџирана од него и Обама, но потоа отфрлена од страна на Трамп. Бајден е навикнат да ја велича традицијата на глобалното лидерство на САД, кое се залага за висока демократија и човекови права и слободи, борејќи се против распространувањето на нуклеарното оружје.
Сепак, спроведувањето на неговата надворешнополитичка визија сега нема да биде толку лесно. Цели четири години државите на Блискиот Исток и пошироко трпеа поради „вратоломните“ пресврти во надворешната политика на САД. Еден од примерите е тоа што Трамп најпрвин реши да ги повлече американските трупи од Сирија (на огромно вчудовидување на своите сојузници во опасност), за наскоро потоа да се врати на стариот курс. Поради директната конфузија што се создаде, како и поради нарушената американска репутација на одговорен сојузник, Путин, сирискиот претседател Башар ал-Асад и безброј исламистички борци собраа дополнителни поени и добија на време.
Оттука, Бајден сега ризикува да налета на ѕид од „гладни“ пријатели, сите желни за исправање на воочените криви дрини. Откако американските сојузници мораа да трпат една нестабилна стратегија за надворешната политика на САД, која ги поткопа темелите на традиционалното сојузништво и го загрози светскиот поредок, менаџирањето на нивните очекувања во однос на новото претседателство ќе биде од клучно значење.
За Бајден, Турција не е помал предизвик во регионот
Нов предизвик за Бајден ќе биде и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој предизвикува конфликти во Сирија, Либија и во Ерменија (зголемувајќи ги и оние веќе постојните со Грција и со Франција), сакајќи да го одвлече вниманието од неуспесите на домашен терен. Желбата на Трамп да се повлече од влијанието во регионот му сигнализира на Ердоган дека Америка нема намера да ги наведува своите сојузници да го спречуваат во намерите; оттогаш турскиот челник му наштетува на НАТО со купување руско оружје и со поддршка на нападите врз американските и европските интереси на Блискиот Исток, на начин што речиси сигурно немаше да биде толериран од претходните администрации на САД.
Трамп не е единствениот виновник за вакуумот во просторот на моќта што доведе до ваква ситуација – претседателот во заминување само го забрза пасивниот курс „роден“ во ерата на Обама и Бајден. Сходно на тоа, јасно е дека во следните четири години релациите на Бајден со сојузниците (особено на територијата на Блискиот Исток) ќе бидат обременети со „наследството“ што му го остави Обама во однос на политиката на изолирање. За време на својот мандат и настаните од Арапската пролет во 2011 година, Обама „дозволи“ симнување од власт на неговите блискоисточни партнери – тунискиот претседател Зине ел Абидин Бен Али и египетскиот претседател Хосни Мубарак – предизвикувајќи така страв кај другите свои блискоисточни сојузници дека Америка би можела и нив да ги остави на цедило. Тој ги извлекуваше американските трупи од Ирак, пренасочувајќи ги кон Авганистан долго пред Трамп да седне во Белата куќа. Неговиот неуспех „да го казни сирискиот лидер Ал Асад поради труењето на сопствениот народ“ ги увери дури и европските сојузници дека САД се повлекуваат од играта, предизвикувајќи притоа зголемени воено-безбедносни трошоци кај неколку држави од Персискиот Залив.
Наспроти ваквиот курс, строгиот став на Трамп кон Иран им потврди на сојузниците од Заливот дека САД стојат цврсто зад нив и ги штитат. Сепак, загриженоста дека неговите погрешни постапки може да доведат до војна ги поттикна сојузниците да побараат поддршка на друго место – тоа значеше продлабочување на односите со Пекинг и со Москва.
Америка треба преку Бајденповторно да потврди дека е стабилен и долгорочен партнер
Со новите политики, Бајден ќе мора да ги убеди сојузниците дека Америка е нивен стабилен и долгорочен партнер, а истовремено да „жонглира“ со сѐ поголемата закана од забрзаниот подем на Кина. Во однос на овие проблеми, Бајден веќе однапред се наоѓа во незгодна положба. Значајно променетиот став на гласачите кон Трамп, што јасно се покажа на изборите, е само уште еден доказ дека 2016 година не била никаков исклучок: Америка и понатаму останува длабоко поделена, а некој следен американски претседател лесно би можел да ги отфрли договорите на Бајден, исто како што тоа го направи Трамп со оние на Обама. Иако гласачите својот глас го дадоа за традиционален кандидат за Белата куќа, сојузниците на САД ги јаде јанѕа и нема лесно да се смират. До моментот додека Бајден да ја преземе функцијата, голем дел од патот кон уште поголема изолација ќе биде веќе изоден. Новиот американски претседател ќе треба внимателно да одмери колку брзо и колку далеку треба да се стигне, за да може да собере со себе доволно сојузници, со кои ќе ја трасира светската патека онака како што посакува.
За да добиете претстава за тоа колку ќе му биде тешко, замислете што сѐ ќе треба да прави за повторно да го вклучи и задржи Иран во една нова мултинационална нуклеарна спогодба, што треба да претставува замена за Сеопфатниот заеднички план за акција, комплетно отфрлен од страна на Трамп. Како Бајден ќе ги убеди Германија, Франција и Велика Британија – кои инвестираа огромна енергија да ги поддржат САД во креирањето на првичната спогодба – да му се придружат повторно за сѐ да се прави од почеток? А да не ги спомнуваме компликациите за повторното привлекување на Кина и Русија на своја страна, потфат што успешно го реализираа тој и Обама во 2015 година. Како прво, Кина најверојатно нема да се согласи на нова спогодба со Иран сѐ додека САД не направат отстапки во однос на трговијата и Јужно Кинеско Море.
Успехот во надворешната политика нема да се однесува само на повторното стекнување доверба кај пријателите и помирување со непријателите; ќе се однесува и на градењето меѓународна доверба во хармоничните цели на Америка – многу високо подигната летвичка за една толку поделена нација.
Нема да е некое големо изненадување доколку Бајден наскоро открие дека светскиот поредок не може да се ресетира на начин на кој тој планирал. По неколку недели од преземањето на функцијата, откако ќе направи осврт на изминатиот период и на сѐ низ што поминал, можеби патешествието до Белата куќа ќе му изгледа како најлесниот дел од неговото претседателско патување.
А што се однесува до НАТО – тој веќе прави обиди за враќање на разнишаната доверба во Алијансата, давајќи завет дека „ќе внесе страв во Кремљ“. Може да се каже дека ова не се лесни задачи што стојат пред овој политички ветеран. Тој долги години претседаваше со Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, но дали тоа ќе му помогне во актуелната констелација на меѓународни односи допрва ќе се види.
Во Кавказот повторно мир
Ерменија и Азербејџан соопштија дека постигнале договор со кој им се става крај на борбите во Нагорно Карабах, регионот на Азербејџан, според пактот потпишан со Русија, која ќе распореди речиси 2.000 руски мировници, и според кој беа направени територијални отстапки.
Нагорно Карабах беше под контрола на етничките ерменски сили откако примирјето од 1994 година ѝ стави крај на сепаратистичката војна. Оттогаш се случуваа привремени судири, а жестоките борби почнаа на 27 септември годинава. Беа постигнати неколку прекини на огнот, но веднаш беа прекршувани. Договорот што беше соопштен завчера, веројатно, ќе биде поцврст, затоа што Азербејџан оствари значајни напредувања и ја презеде контролата врз стратегиски важниот град Шуша.
Новиот договор за прекин на огнот предизвика гнев во Ерменија, а демонстрантите упаднаа во парламентот, го претепаа главниот спикер и, наводно, го демолирале кабинетот на премиерот. Според новиот договор, Азербејџан ќе ги задржи областите од Нагорно Карабах што ги освои во текот на конфликтот. Ерменија се согласи да се повлече од неколку други соседни области во наредните недели.