Новиот саркофаг на атомската централа во Чернобил кој е поставен врз четвртиот оштетен реактор кој експлодираше во 1986 година, ќе штити од радијација во следните 100 години. Изградбата чинеше милјарда и пол долари, а започна во 2012 година, пренесува српски „Новости“.
Властите во Украина, со финансиска помош од меѓународната заедница, беа принудени да направат нов покрив, бидејќи стариот започна да кородира и да се руши. Бетонскиот ѕид на оштетениот реактор имаше оштетувања и почна да се урива во 2013 година. По овие настани, нивото на радијација во овој регион значително се зголеми, а поради тоа неопходна беше изградба на нов саркофаг, бидејќи во оштетениот реактор останале 200 тони радиоактивни елементи.
Старата обвивка на реакторот беше направена во ноември 1986 година во рекорден рок од 206 дена. За неа беа потрошени 400 илјади кубици бетон и 700 илјади тони метал. Со комплицираниот зафат раководеше советскиот инженер Владимир Рудаков, кој и како многу други работници во комплексот, набргу по извршување на работите почина од последици на изложеност на радијација.
Во изградбата на стариот саркофаг учестувале над 90 илјади луѓе. Уште тогаш било планирано за дваесет до четириесет години да се направи нов и побезбеден покрив за оштетениот реактор.
Новиот метален ковчег со името „Конфајмент“ е подвижна конструкција од челик, тешка 36.200 тони. Во ноември 2016 година, тој е префрлен од зоната каде што е монтиран и го покри стариот саркофаг. Целокупната конструкција е завршена неодамна, а 10 јули е запишан како ден на почеток на неговата експлоатација.
Пари за овој проект, освен Русија и Украина, дадоа и западните земји. Контролата на работата ја спроведуваше Европската банка за развој, а техничките изведби ги направи француската компнија „Венси констракшн гренд проџектс“.
Новата метална обвивка на реакторот е модерна и значително подобра од претходната. Лакот кој го покри стариот бетонски ковчег е висок 110 метри, а хангарот е долг 165 и широк 257 метри.
Интересот за атомската централа во Чернобил постојано е висок, а вниманието не се привлекува само со новинарските репортажи, туку и со филмовите и сериите кои се снимија за настаните за најголемата катастрофа во историјата на нуклеарните централи.
– Сè повеќе туристи од сите страни на светот денес доаѓаат во Чернобил за да видат како изгледа атомската централа, но и нејзината околина по катастрофата во април 1986 година – вели првиот човек на Сојузот на туристички агенции од регионот на Чернобил.