Вртоглавото искачување на Германецот Мартин Зелмаер до позицијата главен секретар на Европската комисија (ЕК) е во фокусот на интересирањето на евробирократите во Брисел.
Она што особено го привлекува вниманието и ги распирува озборувањата е начинот на кој тој дојде на функцијата, која се смета за една од најмоќните позиции во системот на Европската унија (ЕУ).
За Германецот се укажува дека во ЕК влегол во 2004 година како портпарол, а му помогнал на Жан Клод Јункер во успешната кампања за избор на претседател на Комисијата во 2014 и подоцна станал шеф на неговиот кабинет. Познат е по неколку прекари, како што се Монструм или Ѕверот од Берлемон, според името на зградата во која работи.
До неодамна тој беше шеф на кабинетот на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, а медиумите шпекулираат дека аферата „Зелмаергејт“ би можела да го загрози кредибилитетот на европските институции. Притоа како спорен момент се подвлекува начинот на кој пред еден месец Зелмаер беше наименуван наместо досегашниот главен секретар, Холанѓанецот Александер Италианер, кој неочекувано се повлече малку пред тоа.
Имено, најнапред тој беше поставен за заменик на главниот секретар на Комисијата, а само девет минути подоцна, на истата седница, Јункер објави дека Италианер поднесува оставка а на неговото место се именува Зелмаер.
Во врска со овој настан, како што пренесуваат медиумите од Брисел, Европскиот парламент побарал истрага и испратил прашалник на 134 страници. Закажано е и сослушување на кое е попвикан Гинтер Етингер, комесарот задолжен за човечки ресурси.
– Начинот на кој Мартин Зелмаер е наименуван води до непочитување на европските институции. Ако ваквата процедура е во склад со правилата, тогаш правилата мора да се менуваат- ја пренесува Би-Би-Си изјавата на пратеникот на Зелените, Свен Гиголд.
Наспроти противењето на јавноста, за Зелмаер се заложил и самиот Јункер кој, според медиумите, на колегите од Европската народна партија во четвртокот им рекол дека ќе си замине од функцијата, ако Зелмаер мора да ја напушти својата нова работа.
Во меѓувреме, се огласи и Европската комисија која наведува дека одлуката за неговото наименување е донесена во „целосна согласност“ со регулативата на ЕУ.