Вашингтон се обидува да ги открие плановите на Пекинг, кој најавува дека ќе развива нови ракети со нуклеарни глави, ќе ги засилува антисателитските капацитети и ќе го зголемува производството на нуклеарни материјали
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна се согласи со предлогот Кина да им се придружи на четирите други постојани членки на Советот за безбедност на ОН на самит за иницирање нова рунда разговори за контрола на оружјето. Целта, според претставници на администрацијата, е тристрана спогодба меѓу Кина, Русија и САД за ограничување на нуклеарното оружје.
Кина, која има неколку стотици нуклеарни боеви глави, можеби не изгледа како еднаков партнер со САД (со вкупно 6.185 боеви глави, од кои 1.750 се распоредени) или со Русија (со вкупно 6.490 боеви глави, од кои 1.600 се распоредени). Кина претходно одби да учествува во трилатерален договор за нуклеарно оружје, со образложение дека нејзините сили се премали.
Но амбициозните планови на Пекинг за нови капацитети за збогатување и рециклирање материјал погоден за производство на нуклеарно оружје ќе ѝ овозможат на Кина да ги стигне САД и Русија. Дополнително, имајќи ја предвид актуелната и можеби трајна кинеско-руска стратегиска усогласеност, САД повеќе не можат да претпоставуваат дека воен конфликт со Кина не би ја вклучил и Русија, посочуваат американски експерти за „Форин полиси“.
Тие велат дека пред да се вклучи Пекинг во какви било разговори за контрола на оружјето, американските власти треба да разберат каква е всушност нуклеарната стратегија на Кина, пред сѐ во три области: доктрината за употреба на нуклеарно оружје, зголемениот капацитет за производство на нуклеарни експлозиви и развојот на антисателитски операции.
Во однос на употребата на нуклеарното оружје, Пекинг долго време тврди дека никогаш нема прв да го активира арсеналот и дека тоа ќе го стори само ако биде нападнат, па дури и во таков случај, може да поминат неколку недели пред да одговори Кина. Кинеските лидери исто така инсистираат на тоа дека можат да ги одвратат САД сè додека имаат можност да возвратат против ограничен број цели, најверојатно американски градови.
Кина продолжува да ја нагласува таквата политика, но проблемот е во тоа што таа во моментот развива нуклеарни сили со многу посилни капацитети, нагласуваат американски безбедносни експерти.
Кина наскоро ќе распореди нуклеарно три стратегиски копнени, поморски и воздушни нуклеарни системи слични на САД. Американските воени разузнавачи прогнозираат дека кинеските нуклеарни капацитети двојно ќе се зголемат до 2030 година. Кинеската армија има разни современи ракети со различен дострел што можат да носат нуклеарни боеви глави. Таа инвестира во интерконтинентални балистички ракети, кои обично се сметаат за оружје за прв напад. Прашањето, според експертите од САД, е зошто на Кина ѝ се потребни такви оружја, само за да ги обесхрабри ривалите или за нешто друго.
Втор аспект од нуклеарната стратегија се плановите на Кина значително да ги прошири своите капацитети за збогатување ураниум и за рециклирање плутониум. Кина планира да произведе многу повеќе нуклеарно гориво отколку што може да потроши дома или да извезе за познати клиенти во странство. Истото, пак, е корисно за правење нуклеарни бомби. Ако Кина го изгради целиот планиран капацитет за збогатување, таа може да произведе доволно збогатен ураниум за да произведува по 1.500 нуклеарни боеви глави годишно, со што би ги стигнала САД за пет до десет години, дури и ако ги задоволи домашните и извозните потреби. Дополнително, со капацитетите за плутониум што планира да ги изгради Кина, државата може да произведува до 2.100 нуклеарни боеви глави годишно.
Третиот аспект се однесува на развојот на вселенските и антисателитските капацитети, кои при евентуален конфликт би можеле да ги онеспособат клучните американски воени сателити.
Американските воено-политички аналитичари и креатори на политики допрва ќе треба да ги откријат кинеските размислувања во однос на трите аспекти од новата нуклеарна стратегија. Билатералните разговори досега се фокусираа на прашања како нуклеарен тероризам и безбедност на нуклеарните материјали. Експертите ги повикуваат САД и Кина како нуклеарни сили и геополитички ривали сепак да развиваат што подобар дијалог за разбирање на сопствените нуклеарни капацитети и за развојот на нови стратегии, бидејќи секакво недоразбирање може да доведе до катастрофални последици за целата планета.