Новата команда на НАТО за спречување компјутерско хакирање ќе биде целосно екипирана до 2023 година, но Алијансата сe уште расправа околу тоа какви правила треба да се донесат, изјави германскиот генерал на воздухопловните сили на НАТО, Волфганг Ренер.
– Ова е растечка област и заканите се во пораст. Ние треба да бидеме подготвени да може да извршуваме операции во киберпросторот/ Веќе отидовме подалеку со заштитата и превенцијата, изјави Ренер, кој е задолжен за новиот Кибернетички оперативен центар во Монс, Белгија.
Компјутерските мрежи на НАТО секој месец се подложни на стотици големи хакерски напади. Според експерти, Русија, Северна Кореја и Кина постојано ги усовршуваат своите хакерски алатки и софтверот за шпионажа.
Претходно, овој месец некои западни влади ја обвинија Русија за масовна хакерска кампања низ целиот свет. Тоа предизвика промени во стратегијата на НАТО, а земјите-членки почнаа да бараат одговори.
Европската унија вчера разговараше за начините за одвраќање на хакерите, вклучувајќи и наметнување економски санкции.
Досега, трансатлантскиот сојуз немаше сопствени кибер оружја, а на 31 август оваа година беше најавено создавањето на Центарот во Монс.
Оттогаш САД, Велика Британија, Естонија и други сојузници го понудија својот кибернетички потенцијал.