За време на операција истовремено спроведена во Белгија, Шпанија, Холандија, Германија и Франција, во која учествувале повеќе од 600 полицајци, денеска се уапсени 25 осомничени членови на албанска група за трговија со дрога.
Истрагата која ја водела локалната полиција во Антверпен открила дека дрогата се шверцувала така што била криена во контејнери во Белгија, пред да биде дистрибуирана низ цела Европа, користејќи возила опремени со софистицирани скришни прегради, се вели во соопштението на „Европол“.
Се верува дека истата криминална група управувала со насади на канабис во Шпанија и Германија, каде што се одгледувале и обработувала марихуана пред да ја пренесат во други европски земји за понатамошна продажба и дистрибуција.
Операцијата резултирала во апсење на деветмина осомничени во Белгија, шест во Шпанија, тројца во Холандија, шест во Германија, а едно апсење и извршено и во Франција, со што вкупниот број достигнал 25 уапсени.
Пребарани биле 30 куќи, расчистени шест насади со марихуана, одземени 60.000 евра во готово, а запленети се и мобилни телефони, пиштоли и муниција.
„Европол“ ја поддржа оваа истрага преку обезбедување соодветна експертиза, широка аналитичка поддршка и олеснување на размената на информации преку своите безбедни канали.