Сведоштва за оружениот напад во Болдер
Купувачите во супермаркетот „Кинг суперс“ во градот Болдер, Колорадо, вчера се соочија со пекол и борба за преживување откако едно лице влегло во продавницата и почнало да пука на нив, пренесуваат светските медиуми. Десет лица го загубија животот, меѓу кои и еден полицаец. Напаѓачот е уапсен. Сведоците ја опишаа тешката ситуација во која се најдоа.
– Откако ги слушнавме истрелите, се упативме кон заедниот излез на маркетот. Им кажавме на вработените што се случува и тие ни помогнаа да излеземе. Трчавме најбрзо што можеме. Не го видов напаѓачот, само видов преплашени лица како трчаат кон мене и се свртев и упатив во спротивната насока – вели Рајан Боровски.
Ендру Хамел, еден од сведоците кои успеале брзо да се извлечат, откако излегол, веднаш го побарал неговиот другар Мејсон кој работи во маркетот, пред да се јави на своите родители.
– Откако чув пукотници, само сакав да излезам надвор. Открив дека Мејсон се скрил во складиште. Прочитав порака која едноставно гласеше „ве сакам и ви благодарам за сѐ“. Тоа беше порака што никогаш не би сакал да ја видам од моите пријатели. Беше застрашувачко – вели Хамел.
Стивен Мекју, кој со неговата сопруга телефонски разговарале со двете внуки кога пукањето се случило, чул осум истрели пред тие да се скријат заедно со нивниот зет, од напаѓачот.
– Ниедно семејство во САД не треба да искуси ваков ужас. Случката ќе ги прогонува до крајот на животот – изјави Мекју за Си-ен-ен.