Низ улиците на Белорусија веќе петти ден продолжуваат протестите против изборните резултати од претседателските избори одржани минатиот викенд, на кои победи актуелниот претседател Александар Лукашенко. Групи од стотици луѓе неколку дена во Минск формираат човечки синџири во знак на протест, а со сирени на автомобилите ги забавуваа и ги блокираа полициските возила. Слични протести се одржуваат во најмалку пет други белоруски градови.
Во меѓувреме, како што јавуваат новинските агенции, белоруските власти признале дека користеле боева муниција против луѓето што протестираат против претседателските избори, со кои 65-годишниот Лукашенко го доби шестиот мандат. Неговиот главен предизвикувач, Свјатлана Циханускаја, сѐ уште е надвор од земјата, откако по објавувањето на резултатите веднаш замина во Литванија.
Паралелно на ова, ЕУ се закани дека повторно ќе воведе санкции за сомнителното местење гласови и насилното задушување на демонстрациите и најави итен состанок на министрите за надворешни работи за да се разговара за Белорусија. Од друга страна, актуелниот претседател Лукашенко ги отфрли протестите нарекувајќи ги таканаречените демонстранти луѓе со криминално минато и моментално невработени.