Ако во миграцијата воопшто постои некакво правило, тоа гласи дека „еднаш почнат миграциски бран, перманентно го индуцира својот сопствен тек“. Имено, според Мајрон Вејнер, бегалците им помагаат на своите дома да мигрираат, снабдувајќи ги со информации како да мигрираат, каде да ги најдат потребните средства и како да најдат работа и сместување
Овие денови терминот „бегалска криза“ повторно стана актуелен поради ескалацијата на војната во Сирија и новиот бран на бегалци и мигранти што би можеле повторно да извршат притисок врз нашите граници. Но се чини дека терминот „криза“ ќе треба полека да се отфрла од нашиот вокабулар, затоа што под криза се подразбира вонредна (она што е надвор од вообичаениот ред) состојба што се случува и доведува до нестабилна ситуација за целото општество. Спротивно на тоа, Европа се соочува и ќе се соочува со постојан миграциски и непроменлив тек предизвикан од спектакуларната стапка на пораст на муслиманското население, економската стагнација и политичката нестабилност на државите од Блискиот Исток и Северна Африка.
За миграцискиот вулкан се знаеше од претходно?!
Влијателниот американски социолог и политиколог Семјуел Хантингтон уште во 1996 година „пророчки“ предупреди на Арапската пролет и мигрантскиот притисок со кој се соочува Европа. Главната теза на Хантингтон се состои во тоа дека прирастот на муслиманското население ќе продолжи да биде голем, а влијанието на тој пораст ќе се почувствува во првата половина на 21 век. Според авторот, уште многу години муслиманското население ќе биде непропорционално младо, со забележително поголем број тинејџери и млади луѓе, а младите луѓе секогаш се главни протагонисти во протестите, нестабилноста и револуциите. Хантингтон вели дека во главните арапски земји (Алжир, Египет, Мароко, Сирија и Тунис) бројот на луѓето на возраст од дваесет години во потрага по работа ќе расте до 2010 година. Во споредба со 1990 година, бројот на оние што влегуваа на пазарот ќе се зголеми за 30 отсто во Тунис, за 50 отсто во Алжир, Египет и Мароко и за над 100 отсто во Сирија. Колку и да звучи чудно, Хантингтон ја предвиде Арапската пролет, со која се соочија државите на Северна Африка и Блискиот Исток во 2010 година. Споменатите, со исклучок на Мароко, се карактеризираат со нефункционирањето на правната држава и со корупција, проследени со економска стагнација. Споменатите држави не обезбедија и не обезбедуваат сигурни извори за егзистенција на младото население што започна демонстрации, од кои некои се претворија во револуции и водеа кон политичка нестабилност на муслиманските општества.
Наталитетот го мултиплицира потенцијалот за инвазивен тренд
Меѓутоа проблемот не завршува тука. Хантингтон исто така забележува дека порастот на населението во исламските земји е значително поголем од порастот во соседните земји и, општо, во светот. Во муслиманските општества стапката на прираст речиси секогаш беше над 2 отсто, честопати ја минуваше стапката од 2,5 отсто, а понекогаш и стапката од 3 отсто. Во периодот 1965-1990 година населението во Магреб имаше прираст од 2,65 отсто, од 29,8 милиони на 50 милиони. Во овој период Алжир имаше годишна стапка од 3,0 отсто, а Египет во истиот период имаше прираст од 2,3 отсто, од 29,4 милиони на 52,4 милиони жители. Хантингтон предупредува дека на многубројното население му се потребни ресурси, па затоа луѓето во општествата со густо население или брзорастечко население се насочуваат кон надвор, окупираат територии и вршат притисок врз народите со помала демографска динамичност. Затоа Хантингтон вели дека растот на исламското население станува главен фактор за појава на конфликти и притисокот на населението проследено со економска стагнација доведува до емигрирање на муслиманите во западните и другите немуслимански општества, па имиграцијата станува значаен проблем во овие општества.
Има ли решение за инвазијата на мигрантите заради заштита на општествата и на државите
Ако анализираме внимателно, коренот на политичката нестабилност во муслиманските општества и проблемот на Европа со бегалците и мигрантите лежи во големиот прираст на населението и младата популација, како и во нефункционалноста на некои од муслиманските држави што не можат да ги задоволат потребите на сопствените граѓани. Оттука, Европа не се соочува со „бегалска криза“, туку со миграциска константа, која ќе може да се реши само со економски развој и трансформација на државите од Северна Африка и Блискиот Исток во современи општества.