Атлантик

Ако „Фејсбук“ не се затвори, тогаш можеби ние треба да го направиме тоа

Коосновачот на „Фејсбук“, Крис Хјуз, ја раскажа личната и фасцинантна приказна преку која порача дека „Фејсбук“ да се затвори, во статијата што вчера беше објавена во „Њујорк тајмс“. Неговите тврдења се основани на идејата дека Марк Закерберг е „добра и мила личност“, но чија „моќ е ненадминлива и неамериканска, а е повлијателен од кој било друг во приватниот или државниот сектор“.

Главната, ако не и единствената причина за затворање на „Фејсбук“, како што своевремено кажа „филозофот“ Кање Вест, е дека „никој не треба да има толкава моќ“. Сепак, состојбата е сложена затоа што видот на моќ со која Марк Закерберг располага е од невидени размери.

Во однос на стандардната моќ, „Фејсбук“ и неговиот извршен директор не се мерат во историски или во современи стандарди. Од воен аспект, Фејсбук е непостоечка сила. Закерберг не е врховен командант на светска војска и сериозно застанува зад кинеските, американските и руските лидери. Од политички аспект, Закерберг нема изборно тело, а иако е многу познат, сепак, не е омилен меѓу луѓето. Од културен аспект, Закерберг не е мистериозен како Стив Џобс, а ниту неговата филантропија не го претвори во мудар, благороден човек како Бил Гејтс (барем не засега). Од финансиски аспект, неговото лично богатство спаѓа меѓу првите 10 во светот, но постојат и други милијардери како што е љубителот на вселенската индустрија Џеф Безос, па дури и децата на други успешни бизнисмени.

Дури и компанијата на Закерберг не спаѓа во најсилните според стандардните процени. „Фејсбук“ не е меѓу водечките 75 компании што остваруваат најголем профит. Бројот на вработени изнесува приближно исто колку оној на рударската компанија „Фрипорт-Мекморан“ од Аризона и на производителот на челик „Нукор“ што е приближно околу 0,01 отсто на „Волмарт“. Профитот на „Фејсбук“ е меѓу првите 15 компании во светот по заработка, а пазарната вредност спаѓа меѓу првите 10 со најголем потенцијал за раст. Општо земено во контекст на светската економија, „Фејсбук“ личи на многу профитабилна компанија со висок потенцијал, но не се истакнува во ниедни процени (На пример, саудиската компанија „Арамко“ лани оствари профит од 224 милијарди долари).

Само неколку компании се во рацете на еден човек како што е во случајот на „Фејсбук“. Компанијата беше формирана во периодот кога во Силицумската долина основачите раководеа со своите претпријатија. Со тоа што се создадоа разни класи на удели со различна гласачка моќ, Закерберг ја задржа оперативната контрола додека сè уште продаваше акции од неговата компанија. Хјуз во својата статија наведе дека „одборот на директори на ’Фејсбук’ функционира повеќе како советодавен отколку одлучувачки комитет, затоа што Закерберг поседува 60 отсто од акционерскиот удел“.

Дури семејството Форд, кое е познато по тоа што формираше невообичаена двокласна управувачка структура во 1930-тите години на минатиот век, има акционерски удел од само 40 отсто во компанијата. Што се однесува до „Волмарт“, кој исто така има невообичаена управувачка структура, акционерскиот удел на семејството Волтон е нешто помалку од 50 отсто. Сите овие семејства имаа свои судири и спротивни интереси. Закерберг истовремено е извршен директор и има најголем акционерски удел во компанијата, така што за него не важи институционалната проверка.

Сепак тој располага со огромна моќ. Хјуз точно тврди дека никогаш претходно не постоела ваква моќ. Марк Закерберг управува со Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, кои се трите најпопуларни алатки за комуникација во светот заедно со Јутјуб на „Алфабет“ и Вичет на „Тенсент“. Во многу држави производите на Закерберг се самиот Интернет. Тие претставуваат медиуми за ширење на информациите, како што се весниците или телевизиските канали, но служат и за комуникација меѓу луѓето што потсетува на старата телекомуникациска мрежа. Исто така, тие се важни и за малите бизниси, како што е поврзаност на Интернет, служба за клиенти и платформа за маркетинг, како и за директна продажба преку алатката „Маркетплејс“ на Фејсбук.

Кој е всушност Закерберг? Најдобро може да се спореди со медиумските кралеви Вилијам Рандолф Херст и Руперт Мердок. Но најдобро е да се направи споредба ако трите водечки телевизиски мрежи на 20-тиот век се во рацете на една личност, во една корпорација со која тој целосно управува и се единственото место за емитување на политички говори или наоѓање на електричар. Или можеби тој ќе биде Боб Мозез на новата генерација, кој во неговиот потфат да го обнови Њујорк, моќта ја стекна со градежништвото и со сите средства што ги имаше на располагање.

Како што истакна Макс Рид, никој не може во целост да сфати што претставува Фејсбук или никој не може да предвиди што може да направи моќта на Закерберг. Иако Закерберг мораше да ја има доминацијата над неговите корпоративни ривали, сепак, тој треба да ја искористи моќта во други цели наместо за натпревар (барем за онаа за која знаеме).

Што би можела да стори „злобната верзија“ на Закерберг? Бидејќи „Фејсбук“ како компанија разви едни од најусовршените алатки за предвидување на човековото однесување досега во светот и бидејќи базите на неговите корисници се најголемите во светот, компанијата би можела да има уште поуверлива моќ врз што поголем број на луѓе. „Фејсбук“ ги тера луѓето да ги користат неговите производи и ги користи нивните активности да произведува покорисни податоци за нивните склоности, како што наведе Шошана Зубоф во нејзината книга „Надзорен капитал“. Со други зборови, сите нешта што ги контролираме околу интеракциите со империјата, нашите пријатели, фотографиите што ги објавуваме, објавите, не се информациите што го засегаат Фејсбук. Тие се само необработен материјал во процесите за машинско учење што ја создаваат вистинската моќ на Фејсбук, односно неговиот капацитет да предвиди што ќе направите кога пред вас ќе биде поставен избор. Сета таа моќ расте подеднакво со податоците во системот и со развојот на вештачките интелигенции кои се хранат од нив.

Дури и ако Марк Закерберг само ја користеше неговата моќ за да ме натера да купам нови патики, сепак, веројатно не е добра идејата еден човек да има толку голем капацитет на предвидување за луѓето во светот. Можеби најдобриот аргумент за затворање на „Фејсбук“ токму сега, е што Закерберг сè уште не ја искористил моќта за други цели.

Затворањето на компанијата веројатно нема (веднаш) да ги реши проблемите со кои се соочуваме на Интернет. Којзнае, дури можеби и ќе се влошат. Но, со ова би се избегнал еден огромен ризик во иднина, а тоа е Марк Закерберг да ја искористи својата огромна моќ, потег што досега избегнуваше да го направи.

Подготвила: Билјана Здравковска