Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, рече дека на 7 јуни ќе даде оставка од својата позиција и како лидер на Конзервативците, со што се отвора борбата за преземање на нејзиното место, јавува Би-би-си.
Во емотивниот говор на улицата „Дауинг“, таа рече дека направила сè што е во нејзина можност да ги испочитува резултатите од референдумот за брегзит во 2016 година.
Таа додаде дека „длабоко жали“ што не успеала да го спроведе брегзит и дека ќе продолжи да биде премиерка, сè додека Конзервативците не изберат нов лидер.
Во јули 2016 година Меј го наследи Дејвид Камерон на премиерската позиција, по референдумот за напуштање Европската Унија во Велика Британија. Во меѓувреме, нејзинот Договор за брегзит неколку пати беше отфрлан во Парламентот, притисок кој ја принуди Меј да се повлече од позицијата.