Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, рече дека нема да дозволи Иран да добие нуклеарен арсенал и дека Израел ќе продолжи да се брани од иранската агресија.
Тој додаде дека Иран никогаш не се откажал од потрагата по нуклеарно оружје.
– На Блискиот Исток нема посериозна закана од Иран. Иран не се откажа од својата желба да поседува нуклеарно оружје и не престана да повикува на уништување на Израел. Како премиер на Израел никогаш нема да дозволам Иран да дојде до нуклеарно оружје за да изврши геноцид врз Израел. Израел ќе продолжи да се брани – рече Нетанјаху на заедничката прес-конференција по разговорите во Ерусалим со американскиот министер за одбрана, Лојд Остин.
Саботниот инцидент во нуклеарниот објект „Натанц“ беше предизвикан од експлозија, изјави денеска портпаролот на Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ), Бехруз Камалванди.
– Експлозијата не беше доволно силна за да уништи сè… За среќа, никој не беше повреден, оштетените делови набргу може да бидат обновени – рече Камалванди за „Тасним“.
Вчераутро, Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ) објави дека објектот во „Натанц“ претрпел инцидент со мрежата за дистрибуција на електрична енергија. Шефот на АЕОИ, Али Акбар Салехи, го опиша инцидентот како нуклеарен тероризам.
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, рече дека Техеран верува оти Израел стои зад неодамнешните саботажни дејства во објектот.