И покрај изедначениот изборен резултат со главниот ривал, израелскиот премиер е во многу подобра позиција за формирање мнозинска владејачка коалиција, составена од националисти, екстремни десничари и религиозни сојузници. Продолжувањето на неговото десетгодишно владеење исто така ќе ги згасне надежите за ставање крај на израелската окупација на палестинските територии, оценува „Гардијан“
Бенјамин Нетанјаху е на добар пат да стане израелски премиер со најдолг стаж, и покрај тоа што неговата партија Ликуд освои ист број мандати како главната ривалска партија Сино и бело. Резултатите од парламентарните избори покажуваат дека и Ликуд и Сино и бело, предводена од бившиот армиски генерал Бени Ганц, ќе имаат по 35 пратеници во 120-члениот израелски Кнесет. И покрај таквиот распоред на мандатите, актуелниот шеф на израелската влада е во многу подобра позиција за формирање мнозинска владејачка коалиција, составена од националисти, екстремни десничари и религиозни сојузници. Од друга страна, Ганц има помал број фракции со кои може да коалицира. Евентуалниот петти мандат ќе ја зајакне позицијата на Нетанјаху, кој се соочува со најмалку три потенцијални истраги за корупција. Продолжувањето на неговото десетгодишно владеење исто така ќе ги згасне надежите за ставање крај на израелската окупација на палестинските територии, оценува „Гардијан“.
Само неколку часа пред објавувањето на првите изборни резултати, и Нетанјаху и Ганц прогласија победа пред своите приврзаници. Актуелниот премиер порача дека станува збор за огромна победа и дека веќе ги почнал разговорите со десничарските партии, кои, според него, се согласиле да му предложат на израелскиот претседател да му го додели составувањето на идната влада.
Во трката по петтиот мандат, 69-годишниот премиер се соочи со силна конкуренција. Ганц се обиде да претстави обединувачка и центристичка алтернатива на Нетанјаху, кој без прекин на власт е десет години. Кампањата на Нетанјаху се фокусираше на наводната опасност од левичарско преземање на Владата. Од друга страна, изборните резултати покажуваат дека израелските левичарски и центристички партии, вклучувајќи ја и поранешната доминантна партија Ликуд, го загубиле влијанието.
Исто како и на претходните парламентарни избори, според „Гардијан“, Нетанјаху повторно беше обвинет за искористување на антиарапските чувства и коалицирање со екстремистички фракции, кои се товарат за расизам против малцинствата. За разлика од Палестинците под воената власт во окупираниот Западен Брег, речиси 20 отсто од израелското население се Арапи и имаат право на глас. Но по повиците за изборен бојкот, арапските партии загубија најмалку три мандати во Кнесетот.
Само еден ден пред изборите, Ганц изрази надеж дека премиерот ќе попушти под притисокот од трите одделни корупциски случаи, обвинувања што Нетанјаху ги отфрли како „лов на вештерки“. Но, по сѐ изгледа, повиците за обвиненија, поддржани од израелската полиција, не беа доволни за Израелците да му го „свртат грбот“ на кралот Биби, како што Нетанјаху популарно е познат во јавноста.
Една од главните пораки на Нетанјаху до гласачите беше неговиот успех да извлече големи отстапки од Доналд Трамп. Во изминатите две години, американскиот претседател ги имплементира клучните барања на тврдокорното десничарско израелско лоби, драстично намалувајќи ја хуманитарната помош за Палестинците, прогласувајќи го спорниот град Ерусалим за израелска престолнина, и затворајќи ги палестинските дипломатски канцеларии во Вашингтон. Покрај тоа, во потегот што многумина во Израел го сметаат за изборен подарок за Нетанјаху, Трамп исто така неодамна го призна израелскиот суверенитет врз окупираната Голанска Висорамнина, која Израел ја окупира од Сирија во 1967 година, прекршувајќи го глобалниот консензус што забранува територијални освојувања во војна. Во предизборно интервју, Нетанјаху посебно се осврна на декларацијата на Трамп за Голанската Висорамнина.
– Погледнете го ова, погледнете што добивме сега. Тоа го постигнав за само една недела – порача израелскиот премиер.
Само неколку дена пред изборите, Нетанјаху исто така ја мобилизира неговата ултранационалистичка десничарска гласачка база, ветувајќи потврдување на израелскиот суверенитет над еврејските населби во окупираниот Западен Брег, чекор за кој Палестинците тврдат дека значи дефинитивен крај на нивните соништа за независна држава.
– Од моја перспектива, секоја точка од населбата е израелска, и имаме одговорност како израелска влада. Нема никого да протерам и нема да го пренесам суверенитетот на Палестинците – предупреди Нетанјаху.
За дел од гласачите од Западниот Брег, како што е 64-годишниот Зви Пактер, ветувањето за анексија е обичен „изборен спин“.
– Сепак, неодамнешниот развој на настаните, како што е потегот на Трамп за преселување на американската амбасада во Ерусалим, ме замисли. Досега видовме многу работи за кои мислевме дека никогаш нема да се случат – истакнува Пактер, жител на еврејската населба Ефрат во окупираниот Западен Брег.