Голем пожар што беснее околу 60 километри северно од Сиднеј, зафати 300.000 хектари и е невозможно да се контролира во овој момент, соопштија пожарникарите.
Пожарот е на помалку од еден час возење од Сиднеј, чии жители сè потешко дишат поради густиот црн чад што го носи ветрот. Локалните власти наредија секој што живее во областа да биде евакуиран, јави Би-би-си.
Противпожарната служба соопшти дека „мегапожарот“ се формирал од повеќе помалите пожари што се споиле.
– Сега е невозможно да се стави пожарот под контрола и тој ќе продолжи да се шири сè додека времето не биде малку подобро. Тогаш ќе сториме се што е можно за да го сопреме – рече началникот на противпожарната служба во Нов Јужен Велс, Роб Роџерс.
Времето не оди во прилог, бидејќи температурите ќе продолжат да бидат екстремно високи, со најава за 40 степени во вторник.