Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални вчера беше хоспитализиран поради симптоми, кои според еден од неговите доктори, наводно, упатуваат на штетни ефекти од недефинирани хемиски супстанци, пренесува „Гардијан“.
Навални, вчера утрото, од затвор беше пренесен во болница. Тој отслужува 30-дневна затворска казна откако беше уапсен минатата недела поради повикување на народот да учествува во антивладин протест.
Протестот започна во саботата и го поттикнаа најсилниот полициски одговор на протести во земјата во последните неколку години, при што повеќе од 1.300 лица беа уапсени.
Незадововолните граѓани протестираа против одбивањето на изборните органи да регистрираат независни кандидати за изборите во Градскиот совет во септември.
Иако немаше знак дека неговиот живот е во непосредна опасност, веста за здравјето на Навални ја алармираше јавноста бидејќи во истата држава беше убиен опозицискиот политичар Борис Немцов, пред Кремљ во 2015 година.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, вчера изјави дека тој претрпел „тешка алергиска реакција” и додаде дека никогаш порано немал проблеми со алергии. Таа рече дека Навални имал „тежок оток на лицето и црвенило на кожата”.
Во врска со настанот се огласи и соработникот на Навални, Леонид Волков, кој изјави дека и тој бил држен во истата ќелија минатиот месец, и исто така претрпел осип на кожата. Тој истакна дека санитарните услови во затворот се многу лоши.
Офталмологот Анастасија Василева, која е еден од лекарите на Навални, објасни дека очигледно Навални не страда од алергиска реакција, туку бил изложен на отровни супстанци.
– Не можеме да ја исклучиме можноста дека отровните хемиски оштетувања на кожата се предизвикани од „трето лице“ – напиша Василева на својот профил на Фејсбук.
Болницата во која е сместен опозицискиот лидер сѐ уште не даде официјална изјава.