Во 25 градови ширум САД воведен е полициски час по протестите за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше задавен од полицискиот службеник Дерек Шовин.
Полицијата се обиде да ги растера демонстрантите со солзавец и гумени куршуми. Неколку полициски автомобили беа запалени.
Во Чикаго демонстрантите фрлаа камења кон полицијата. Во Лос Анџелес полицијата пукаше со гумени куршуми кон демонстрантите, откако тие запалија неколку нивни автомобили.
Втор ден по ред голема група демонстранти се собра и пред Белата куќа. Илјадници луѓе протестираа на улиците на Минеаполис, Њујорк, Мајами, Атланта и Филаделфија. Полицискиот час е воведен во Минеаполис, Атланта, Лос Анџелес, Филаделфија, Портланд и Луисвил.
Најмалку едно лице загина, а две други се застрелани во Индијанаполис. Ова е трета жртва убиена за време на протестот.
На снимки од Бруклин прикажани се два полициски автомобили кои ги туркаат демонстрантите.
Градоначалникот на Њујорк изјави дека е многу вознемирен од инцидентот и дека му е жал што полицајците го сториле тоа.
„Полицајците беа во таква ситуација што беа нападнати и мораа да избегаат од тоа. Јас ги разбирам, тие се најдоа во невозможна ситуација“, рече тој, но додаде дека му е жал што се случил инцидентот.
Двајца членови на тв екипата на Ројтерс се здобиле со повреди од гумени куршуми испукани од полицијата додека ги снимале протестите против полициската бруталност во саботата вечерта во Минеаполис.
Инцидентот се случил откако припадниците на безбедносните сили, непосредно по почетокот на полицискиот час, упаднале меѓу петстотини демонстранти собрани во југозападниот дел на градот.
Снимките покажуваат дека полицаец се насочува директно кон снимателот, додека неговите колеги пукаат гумени куршуми и фрлаат солзавец за да ги растераат собраните демонстранти.
„Полицаецот што го снимам се врти и ја покажува неговата пушка со гумени куршуми директно кон мене“, вели Чавез во снимката..
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави во саботата дека државите и градовите мора да бидат „многу построги“ против анти-полициските протести или ќе биде вклучена федералната влада, со евентуална употреба на војската и апсења.
„Либералните гувернери и градоначалниците треба да бидат МНОГУ построги или федералната влада ќе мора да се вклучи и да направи што треба да се направи, а тоа вклучува користење на неограничена моќ на нашата војска и многу апсења“, рече тој.
Пентагон во саботата соопшти дека наредил своите воени единици да бидат на готовс, доколку тоа го побара гувернерот на Минесота, поради немирите.
Ваквиот краток рок за потенцијално воено учество обично се воведува во случај на природни непогоди.
„Досега гувернерот на Минесота не побара поддршка од вооружените сили на Националната гарда на Минесота или полицијата“, информира Пентагон.