Нафтените резерви на Венецуела, кои се најголеми во светот, ја трансформираа државата и светскиот енергетски пазар. Сега нафтениот сектор е на работ да запре со работа. Дали некогаш повторно ќе се врати на старите патеки?
Автори: Шејла Урданета, Анатолиј Курманаев и Исајен Херера
Њујорк тајмс
За првпат по еден век, во Венецуела нема нови наоѓалишта на нафта. Изворите кои некогаш располагаа со најголемите резерви на сурова нафта сега се напуштени или оставени да емитуваат штетни гасови кои создаваат портокалов отсјај над запустените нафтени градови. Рафинериите кои некогаш обработуваа нафта за извоз, станаа ’рѓосани чудовишта од кои истекува сурова нафта која ги загадува бреговите и се излева во водите на морето, при што се формираат темни и мрсни кругови. Недостигот од гориво ја доведе земјата во ќорсокак. На бензиските пумпи редиците се километарски. Огромниот нафтен сектор на Венецуела, кој влијаеше врз развојот на држава и на меѓународниот енергетски пазар еден век, сега е речиси во застој, со тоа што производството драстично се намали низ годините на лошо управување и американските санкции. Колапсот зад себе остави уништена економија и животна средина, а многу аналитичари велат дека дојде крајот на ерата за Венецуела како енергетска сила.
– Деновите на Венецуела како нафтена држава се одбројани – порача Риса Граис-Таргоу, аналитичарка во консултантската куќа за политички ризик „Евроазија груп“.
Државата која пред една деценија беше најголемиот произведувач во Латинска Америка со заработка од околу 90 милијарди долари годишно од извоз на нафта, се очекува да оствари околу 2,3 милијарди долари приход до крајот на годинава, што е помалку од вкупната сума која венецуелските мигранти, кои ја напуштија државата поради економската катастрофа, ја испраќаат за издршка на своите семејства, според Пилар Наваро, економистка од Каракас. Производството е на најниско ниво по речиси еден век откако санкциите ги присилија повеќето нафтени компании да престанат да ги искористуваат нафтените наоѓалишта или да купуваат венецуелска нафта, а дури и она малку што се произведува може наскоро да запре, предупредуваат аналитичарите.
Падот во производството се намали до непрепознатливост во државата која само пред една деценија се натпреваруваше со САД за регионално влијание. Исто така располагаше со национална култура која беше дефинирана од нафтата како извор на пари што некогаш се сметаше за непресушен извор, се финансираа монументални инфраструктурни проекти, корупцијата беше сеприсутна, се делеа стипендии и се организираа скапи шопинг-тури до Мајами. Сериозниот недостиг на гориво принуди да се рашират десетици дневни протести во повеќето венецуелски провинции во изминатите неколку недели.
Проблематичната индустрија лани забележа неконтролиран пад, кога САД го обвинија претседателот Николас Мадуро, кој е наследник и штитеник на Уго Чавез, за изборни нерегуларности и воведоа строги економски санкции за да го принудат да се повлече од власта. За кратко време, нафтените партнери, банкари и клиенти на Венецуела ги раскинаа врските со неа, а производството забележа толку брз пад што го надмина оној на Ирак за време на Заливската војна и на иранските последици по исламската револуција. Санкциите ги присилија последните американски нафтени компании во државата да престанат со работа. Тие можеби целосно ќе ја напуштат државата во декември, ако администрацијата на Трамп не стави крај на санкциите. Руските и кинеските партнери на Мадуро не ја искористија кризата, со што се намали производство и се прекина нафтената трговија, според тамошните работници.
Венецуелската опозиција, која лани со помош на Западот го предизвика Мадуро за лидерството во државата, тврди дека може да ја обнови нафтената индустрија откако ќе дојде на власт, со што ќе се стави крај на американските санкции и ќе им се понудат на инвеститорите атрактивни услови. Но аналитичарите велат дека венецуелската нафтена индустрија има мали шанси да привлече инвестиции на ниво што е потребно за целосна обнова. Во ера на стагнација на светската побарувачка, ниските цени и зголемените еколошки проблеми, екстра тешката нафтена индустрија во државата е голем загадувач и скап потфат.
Превод: Билјана Здравковска