Информации од британската влада говорат дека премиерката Тереза Меј ќе го одложи гласањето во парламентот за брегзит, бидејќи по сѐ изгледа не успеа да ја обезбеди потребната поддршка од пратениците

Гласањето на британските пратеници за договорот за брегзит е неизвесно, а последните информации од Владата во Лондон говорат дека премиерката Тереза Меј ќе го одложи изјаснувањето. Меј се одлучи на ваков чекор бидејќи по сѐ изгледа не обезбеди доволно поддршка во парламентот. Британската премиерка се соочува со големо незадоволство кај дел од конзервативните пратеници, како и од опозицијата, кои се против постигнатиот договор со ЕУ. Само неколку од над стоте пратеници, кои ветија дека ќе гласаат против нејзиниот договор, покажаа некакви сигнали дека ќе го сменат својот став. Од друга страна, Европскиот суд на правдата во понеделникот пресуди дека Британија може еднострано да го прекине процесот на брегзит, без да ѝ биде потребна дозвола од другите земји-членки на Унијата. Ваквата пресуда ја остава отворена можноста Лондон да се премисли за брегзит, како и за организирање втор референдум за ова прашање, пренесуваат светските медиуми.

Британската премиерка беше под голем притисок од соработниците и постарите министри да го одложи гласањето во парламентот, но од Владата до последен момент сигнализираа дека тоа сепак ќе се одржи денес. Во меѓувреме, министерката Северна Ирска Карен Бредли предупреди дека Британија треба да стравува од поделби за брегзит, слични на историските поделби на Северна Ирска, ако не биде постигнат компромис за ова прашање.

– Кога ќе спадне прашината за брегзит, мора да чекориме напред, за да можеме да оставиме зад нас дел од поделбите околу природата на односите помеѓу нашата земја со ЕУ. Северна Ирска, посебно, ја знае штетата што може да ја направи поделбата, како и поволностите кога ќе биде надмината таа поделба – истакна Бредли во авторската статија за лондонски „Гардијан“.

Помеѓу длабоката анксиозност и несигурност за судбината на нејзиниот договор, британската премиерка телефонски разговараше со Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, околу малите изгледи спогодбата да биде поддржана во парламентот. Дипломатски извори од ЕУ за „Гардијан“ тврдат дека нема тајни разговори и сигнали од Лондон, за постигнување план Б, доколку договорот биде поразен во британскиот парламент.

Од друга страна, Европскиот суд на правдата донесе одлука дека Британија може да се премисли за брегзит, односно дека Лондон може еднострано да го прекине процесот за излегување на земјата од Унијата. За тоа, според Судот, на Британија не ѝ е потребна претходна дозвола од другите членки на ЕУ.

– Секоја членка може да го отповика процесот од членот 50 без да ѝ биде потребна дозвола од секоја членка посебно. Британија е слободна унилатерално да го повлече известувањето за своите намери за повлекување од ЕУ – наведува Судот.

Според судската одлука, земјата-членка треба да го задржи сувереното право да ја прекине својата апликација за повлекување пред таа да стапи во сила, на ист начин како што имаше право да го почне процесот за повлекување. Во својата одлука, судиите на Европскиот суд на правдата наведуваат дека Европската комисија нема право да ја блокира одлуката на Британија да го напушти процесот за брегзит, бидејќи тоа ќе биде исто како ЕУ да принудува некоја земја-членка да си замине против своја волја. Покрај тоа, Судот додава дека ако Лондон го прекине процесот за брегзит, тоа нема да има ефект, односно нема да ги измени условите за британското членство во Унијата.

Пресудата само ќе ја засили позицијата на противниците на брегзит, како и барањата за организирање втор референдум за ова прашање. Иако одлуката значи дека британските пратеници теоретски може да гласаат за прекинување на брегзит според членот 50 без поддршка од другите членки на ЕУ, за втор референдум ќе биде потребно продолжување на траењето на процесот, кое сепак е изложено на опасноста од вето.


Поранешен министер предупредува на граѓански безредија ако не пројде договорот во парламентот

Бившиот министер за труд и пензии, Ијан Данкан Смит, предупреди дека Британија може да се соочи со граѓански безредија ако поразот на Владата во парламентот доведе до омекнување на брегзит или до нов референдум, правејќи споредби со протестите на жолтите елеци во Франција, пренесува „Гардијан“.
– Има голем дел од народот што ќе се чувствува предаден и многу гневен, и само ве предупредувам, погледнете преку Каналот, знаете дека не сме многу далеку од тоа таков процес да се случи тука – истакна Данкан Смит.