Британскиот премиер Борис Џонсон се надева дека предвремените избори, предвидени за 12 декември, ќе му обезбедат нов мандат за неговиот договор за брегзит и ќе овозможат деблокада на парламентот
Политичките партии во Британија почнаа со подготовките за изборната кампања, откако пратениците го усвоија законот за предвремени избори, кои ќе се одржат на 12 декември. Законот се очекуваше вчера да добие зелено светло и од Горниот дом на британскиот парламент. Премиерот Борис Џонсон порача дека е подготвен за тешките парламентарни избори, додека, пак, лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин изјави дека предвременото гласање нуди единствена можност за трансформирање на земјата. Џонсон се надева дека изборите ќе му обезбедат нов мандат за неговиот договор за брегзит и ќе овозможат деблокада на парламентот, пренесува Би-би-си.
Во обраќањето до конзервативните пратеници, Џонсон истакна дека е време за обединување на земјата и завршување на процесот за брегзит.
– Ќе бидат тешки избори и ќе сториме сѐ што можеме за да победиме – додаде британскиот премиер.
Министерот за здравство Мет Хенкон, пак, порача дека не посакува предвремени избори, но оти смета дека тоа е единствениот начин „земјата да тргне напред“.
Изборите следуваат откако Европската Унија го продолжи крајниот рок за брегзит до 31 јануари 2020 година, иако излегувањето на Британија од Унијата може да се случи и порано, ако за тоа биде постигнат договор помеѓу британските пратеници.
Според предвидената процедура, пратениците на 4 ноември ќе избираат нов спикер на парламентот, кој треба да го замени Џон Беркоу. Потоа, на 6 ноември парламентот ќе биде распуштен, што значи дека сите места во Долниот дом ќе бидат слободни. Пет седмици подоцна, Британците ќе излезат на гласачките места. Ова е првпат по 1923 година Британија да оди на избори во декември.
Кога станува збор за другите партии во парламентот, и либералдемократите и Шкотската национална партија (СНП) на изборите гледаат како можност да ги прашаат гласачите дали брегзит воопшто треба да се случи. Претседателката на Либералдемократската партија, Џо Свинсон, порача дека изборите се најдобра шанса за избирање влада, за што ќе го запре брегзит. На прашањето дали би формирала коалициска влада со лабуристите или со конзервативците, Свинсон одговори дека сосема е јасно оти ниту Борис Џонсон, ниту Џереми Корбин се подготвени за премиерската функција. Истовремено, лидерката на СНП и шкотска премиерка Никола Старџен порача дека изборите се шанса Шкотска да одржи уште еден референдум за независност.
– Победата за СНП ќе значи јасно и неодоливо барање за правото на Шкотска да си ја избере сопствената иднина – истакна Старџен.
„Дојче веле“ оценува дека уште сега е јасно дека изборната борба ќе биде пожестока од која било досега и ќе предизвика нови расцепи во длабоко поделената земја. Премиерот Џонсон ќе се обидува да профитира од слоганот „Ние го претставуваме народот наспроти бескорисните елити и парламентарците“ – оваа реторика со беспримерни напади врз Долниот дом тој ја практикува веќе со недели, што доведе до остри вербални битки.
– Колку ќе допре Џонсон на ваков начин до гласачите што не припаѓаат на таборот екстремно на брегзит фокусираните симпатизери на ториевците е нејасно. За да добие мнозинство, тој мора да ги придобие првенствено гласачите определени за брегзит во традиционалните изборни кругови наклонети кон лабуристите. Хендикепот на Лабуристичката партија не е единствено нејзиниот слаб партиски шеф туку и интерните борби меѓу умереното и левото крило, како и нејасниот став во однос на брегзит. Корбин, во срцето прикриен следбеник на брегзит, се обидуваше да седи на два стола. Тоа, пак, водеше до таква политика во која тој сака нов, подобар договор за брегзит со ЕУ, со царинска унија, но и втор референдум, на кој граѓаните повторно ќе се изјаснат за излез од Унијата. Овој дифузен, тешко сфатлив став во изборната кампања може да биде тешко бреме за лабуристичките кандидати – се наведува во анализата на германската агенција.
Кои се позициите на најголемите партии
l Конзервативна партија – го поддржува брегзит, иако ова прашање предизвика голем внатрешен раздор
l Лабуристичка партија – поддржува нов договор и референдум за брегзит
l Шкотска национална партија – против брегзит и поддржува нов референдум за ова прашање, а крајна цел е независна Шкотска како членка на ЕУ
l Либералдемократска партија – вети откажување на брегзит и поддржува нов референдум
l Демократска унионистичка партија – го поддржува брегзит, но е незадоволна од договорот што го постигна премиерот Џонсон