Повеќето централноевропски земји на ЕУ не се членки на еврозоната и затоа многу потешко може да се справат со пандемијата, бидејќи немаат пристап до истите средства како западните земји од ЕУ што го користат еврото

ЕВРОТО КАКО ФАКТОР ВО БОРБАТА ПРОТИВ ПАНДЕМИЈАТА

Посиромашните земји на ЕУ од Централна Европа, кои не се членки на еврозоната, многу потешко се справуваат со пандемијата на ковид-19, бидејќи немаат пристап до истите средства како побогатите западни земји од ЕУ што го користат еврото.
Корона-обврзниците не се главна тема во Централна Европа, бидејќи Варшава, Прага или Будимпешта не беа вклучени во битката меѓу земјите од еврозоната за заеднички долг поддржан од сите 19 земји-членки на зоната. Тоа исто така значи дека тие немаат пристап до мерките на Европската централна банка за обезбедување ликвидност до 3.000 милијарди евра за банките, програма за откуп на обврзници од 1.100 милијарди евра и кредити од 240 милијарди евра обезбедени со европскиот механизам за стабилност според договорот на министрите за финансии на ЕУ.

Тоа се многу пари што им недостигаат на централноевропските земји што не се дел од еврозоната, иако тие ќе имаат пристап до заемите од 300 милијарди евра за компании и работници.
Како резултат, овие земји се принудени главно да се потпираат на нивните централни банки и зголемувањето на јавното трошење, за да се спречи економскиот колапс. Сето тоа ги зголемува стравувањата дека регионот, особено посиромашните земји како Бугарија и Романија, ќе се соочи со поголеми проблеми во обидите да го надмине влијанието на кризата, што само ќе ги продлабочи поделбите во ЕУ.

– Краткорочно, земјите од еврозоната можат да позајмуваат колку што сакаат – вели Ричард Гривесон од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Земјите од Централна Европа што не се дел од еврозоната се Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска и Романија (Шведска и Данска исто така не се во еврозоната, но тие се многу побогати). Тие земји се соочуваат со истите предизвици како Западна Европа – границите се затворени, авионите не летаат, продавниците и рестораните се затворени, а невработеноста расте. Дополнително, во многу од нив автомобилската индустрија учествува со над десет отсто во економијата, што значи дека се особено погодени од затворените фабрики и намалената продажба.

Полјаците сметаат дека борбата против кризата ќе се фокусира на еврозоната, а не на целата ЕУ од 27 членки.
– Бидејќи ова не е криза само во еврозоната, важно е сите да се вклучиме во процесот на справување со економските последици од пандемијата во духот на европската солидарност. Домашната состојба во нашите земји е доста кревка. Соочени сме или ќе се соочиме со паѓање на приходите од буџетот и неопходност за финансирање на зголеменото трошење на здравството, социјалните бенефиции и привремената помош за деловните субјекти – порача полскиот министер за финансии Тадеуш Кошчински.
Националните власти и централни банки веќе влеваат пари во своите економии.

Полскиот парламент неодамна одобри втор пакет мерки за економско спасување, кои претставуваат мешавина од намалување на даноците, одложување на наплатата на кредитите и евтини заеми за компаниите што ги задржуваат своите работници.
Се проценува дека мерките претставуваат од три до шест отсто од БДП, во зависност од тоа колку бирократски пречки треба да прескокнат компаниите за да стигнат до помошта. Доколку се додадат даночните и другите одложувања, мерките во Полска достигнуваат и до околу 15 отсто од БДП, посочува „Политико“.

Народната банка на Полска исто така ја намали на рекордно ниско ниво основната каматна стапка (0,5 отсто) и вети финансиски мерки за купување неограничени количества обврзници издадени од полскиот државен фонд за развој, кој треба да обезбеди финансиска поддршка за деловните субјекти (сето ова претставува околу три отсто од БДП).
Другите земји од Централна Европа, исто така, ги зголемуваат мерките за спас.
Чешка објави фискални мерки во вредност од околу три отсто од БДП, а доколку се додадат и државните гаранции, таа се искачува на околу 20 отсто од БДП, додека централната банка ги намали каматните стапки на еден отсто и почна да купува обврзници.

Економскиот план на Унгарија е околу 20 отсто од БДП, според виенскиот институт. Според критичарите, владејачката партија Фидес ги комбинира кризните мерки со напорите за зајакнување на сопствените политички приоритети, конфискувајќи 50 отсто од јавните средства за политичките партии, што би можело да ја уништи веќе слабата опозиција, и воведувајќи посебни даноци за странските малопродажни мрежи, како супермаркетите.

Овие три земји се побогати од другите делови на Централна Европа. Пакетот на Романија вреди околу четири отсто од БДП, но земјата се соочува со поголеми тешкотии во финансирањето од нејзините соседи во регионот. Локалниот бизнис бара спасувачки пакет од 15 отсто од БДП, но ќе биде тешко за Романија да позајми толку пари на меѓународните пазари, смета Лиам Пич, аналитичар во „Капитал економикс“
– Хрватска има висок јавен долг и планира многу високо ниво на јавно трошење од 11 отсто – вели Гривесон.
Ако вирусот продолжи летово, туристичката индустрија во Бугарија и во Хрватска ќе биде уништена, а тоа уште повеќе ќе ги погоди нивните економии.
– Владите на Централна Европа и централните банки всушност реагираа доста агресивно и економските пакети се доста големи.

Тие не беа заглавени во прашањата на еврозоната, кои бараат координирани одговори – вели Пич.
Без поддршка од Европската централна банка, Централна Европа е принудена да се потпира повеќе на помошта од буџетот на ЕУ. Европската комисија предложи да се ослободат осум милијарди евра неискористени кохезивни фондови, кои нормално би требало да се вратат во Брисел, за борба против вирусот. Комисијата, исто така, планира да го зголеми трошењето од својот нареден седумгодишен буџет за борба против последиците од пандемијата, иако е малку веројатно дека тоа ќе биде нешто слично на Маршаловиот план по Втората светска војна.

Засега Централна Европа релативно добро се справува со кризата. Бројот на случаи на коронавирус е помал отколку во многу западноевропски земји, бидејќи поголем дел од регионот спроведуваше карантински мерки уште пред да се регистрираат првите жртви. Но прашање е дали овие земји имаат ресурси сами да ја надминат невидената економска катастрофа ако не можат целосно да се потпрат на европскиот блок.